Ѓоковиќ ќе може да ја брани титулата на Вимблдон

117

Добрата вест за најдобриот тенисер на светот Србинот Новак Ѓоковиќ, доаѓа од Велика Британија, каде владата усвои нов сет на правила поврзани со патувањата во време на коронавирусот.

Како што претходно беше најавено, строгите правила за влез во земјава сега се драстично либерализирани. Од 11 февруари па натаму, невакцинираните ќе можат да влезат во Британија, што практично значи дека Новак Ѓоковиќ ќе може да дојде во Лондон да игра на Вимблдон, кој е на програмата од 27 јуни.

Ова во британскиот парламент го соопшти Грант Шарпс, државен секретар за транспорт.

Ќе ги прекинеме сите тестирања за коронавирус на целосно вакцинирани лица кои пристигнуваат во Англија од 11 февруари наваму. Оние кои ќе пристигнат во Англија, но не се целосно вакцинирани, ќе треба да направат тест пред поаѓање и ПЦР тест два дена по пристигнувањето во Англија. Сите патници ќе треба да ги пополнат потребните формулари, се вели во соопштението на Шарпс.

Тој ја искористи приликата и да ја нагласи важноста на мерките кои Владата ги презеде во претходниот период за да се овозможи тоа.

Фактот што ги донесовме вистинските одлуки во вистинско време во однос на вакцините и бустерите сега значи дека ќе бидеме една од најотворените земји за патување во Европа, се пофали Шарпс.

Новак минатата година ја освои титулата на Вимблдон со победата во финалето над Матео Беретини, а иако годинава не можеше да игра на Австралија опен, од Австралија пристигнаа добри вести. Како што сега стојат работите, следната година нема да има проблем да учествува во Мелбурн. Доколку се појави на Вимблдон, Новак ќе ја брка седмата титула, првпат трофејот го освои во 2011 година, а последен пат во 2021 година.