Ѓоковиќ се подготвува за настап на УС Опен

28

Според шпанските медиуми, најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, се подготвува да настапи на УС Опен, кој треба да започне на 31 август.

„Марка“ потсети дека Новак бил првиот кој изразил резервираност за учество на УС Опен, пред се поради најавените рестриктивни мерки поради пандемијата на коронавирус.

Исто така, едно од стравувањата е дека играчите кои учествуваат на УС Опен би требало да останат во карантин 14 дена по враќањето во Европа, така да не можат да играат во Мадрид и Рим, кои претходат на најавениот Ролан Гарос.

Шпанскиот весник известува дека доколку АТП го реши проблемот до крајот на јули, Новак би можел да отпатува во Америка и да игра на УС Опен.

Неговата цел, тврдат тие, е да игра турнир таму и да го добие за да ја намали разликата по бројот на Гренд Слем турнирите зад Роџер Федерер (20) и Рафаел Надал (19). Тоа би бил 18-ти голем трофеј за Новак.

Минатата година, на „Флешинг Медоус“, Новак го предаде мечот во осминафиналето на Стен Вавринка, што значи дека има голема шанса да освои многу нови поени со освојување на натпреварувањето, бидејќи тој „брани“ само 180.

Извор:МИА