Светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ, најверојатно нема да игра на првиот грен слем турнир Австралија опен поради задолжителната вакцинација против коронавирусот, откри неговиот татко Срѓан.

-Што се однесува до вакцините, лично право на секој од нас е дали ќе бидеме вакцинирани или не. Никој нема право да влезе во нашата интимност, ги цитираат српските медиуми зборовите на Срѓан Ѓоковиќ.

Организаторите на турнирот кој треба да почне на 17 јануари соопштија дека сите играчи ќе мора да бидат вакцинирани за да учествуваат, додека Ѓоковиќ одби да открие дали е вакциниран.

Под овие уцени и услови, Срѓан Ѓоковиќ вели дека неговиот син веројатно нема да игра. Ѓоковиќ е бранител на титулата и доколку би ја одбранил ќе стигне до бројката од 21 грен слем титула. Тој е изедначен со ривалите Роже Федерер од Швајцарија и Рафаел Надал од Шпанија со 20 грен слем титули поединечно. Надал потврди дека ќе игра на Австралија опен, но Федерер ќе го пропушти турнирот, бидејќи се опоравува од операција на коленото.