Шпанските медиуми открија нова војна меѓу светскиот тениски рекет број еден Србинот Новак Ѓоковиќ и неговиот голем ривал Шпанецот Рафаел Надал, но оваа војна не се води на тенискиот терен.

Најдобриот српски и најдобриот шпански тенисер сега ќе се судрат околу тениските терени, односно комплексот на Марбела. Локацијата која на Новак му е добро позната, бидејќи таму има куќа и повремено се подготвува за најголемите турнири, а наскоро ќе биде на продажба. За купувањето на овој комплекс е заинтересиран и Рафа.

Надал, кој ја освои 21. грен слем титула сака да ја прошири својата академија во Марбела, преку комплексот „Пуенте Романо“. Сопственик на овој тениски центар беше легендарниот Маноло Сантна, кој почина на крајот на минатата година. Затоа се очекува центарот наскоро да биде ставен на продажба, а Србинот и Шпанецот веќе се гледаат како најсериозни купувачи.

Новак Ѓоковиќ би имал корист од тренинг центарот во Марбела, бидејќи таму поминува многу време годишно, а би можел да ја прошири и својата тениска академија која веќе добро функционира во Белград. За да му биде подобро на најдобриот тенисер во светот, неговиот брат Марко веќе работи во овој тениски центар, па многумина веруваат дека токму затоа Новак е фаворит за купување. Сепак, Надал има своја сметка. Иако нема да се појави во Марбела кога Шпанците го играат Дејвис купот против Романија, Рафа планира често да останува таму.

Тој веќе презентираше план за дополнителна изградба на академијата, дури и на новиот централен терен, а во чест на покојниот Сантана. Поради оддавање почит на легендарниот тенисер, Шпанците решија натпреварот од Дејвис купот да го одиграат токму на ова место.