Ѓоковиќ е поголем фаворит од Надал на Ролан Гарос

75

Тениската сезона ќе биде продолжена на половината од август, откако беше прекината на почетокот на март поради пандемијата со коронавирусот. Сезоната ќе продолжи со американската турнеја, односно со турнирот во Вашингтон на 12 август, по што ќе следи грен слем турнирот САД Опен.

Големо прашање е дали европските играчи ќе патуваат во Њујорк оваа година, заради задолжителниот карантин, случаите на зараза меѓу играчите, специфични услови на одржување и големиот број на заразени во САД. Затоа пореално е продолжувањето на сезоната да ја дочекаат на сопствениот континент.

Извесно е дека Роже Федерер, нема воопшто да настапи до крајот на 2020 година, откако направи две операции на десното колено и веќе почна да се подготвува за следната сезона. Србинот Новак Ѓоковиќ по прележаниот коронавирус во својот календар како прв турнир го наведе Ролан Гарос, а Шпанецот Рафаел Надал прво ќе настапи на мастерсот во Мадрид, кој е непосредно пред грен слем турнирот во Париз, кој стартува на 27 септември и треба да заврши на 11 октомври.

Шпанецот кој е „крал на земјата“ има освоено дури 12 титули на Ролан Гарос, а оваа година ќе се обиде да додаде уште една во својата колекција и да се изедначи со Роже Федерер со по 20 освоени грен слем титули.

Во Париз се чувствува како во „своја куќа“, но кога се игра во пролет, а големо е прашање како ќе се прилагоди на есен и сигурно во поладни услови оваа сезона.

Грег Русецки, поранешен тенисер, смета дека на Надал ќе му биде многу тешко оваа година.

-Промената на терминот на Ролан Гарос, како и суспензија на тениската сезона за многумина ги менува работите. На Рафа повеќе му одговара кога се игра побрзо и кога топчето повеќе отскокнува. Пред некоја година со Ѓоковиќ играа до доцна навечер и условите станаа поинакви, се играше побавно што на него никако не му одговараше, додека на неговиот ривал многу повеќе му лежеа ваквите услови. Мислам дека оваа сезона тоа би можело да биде предност за Новак. Но тука е и Доминик Тим, кој веќе покажа дека одлично се снаоѓа на земјена подлога и се заканува да стане новиот „крал на земјена подлога“, вели Русецки.