Секој неуспех на Новак Ѓоковиќ очигледно стана духовна храна за јавноста на Западот. Поразот на српскиот тенисер во Токио и неговиот неуспешен обид да освои олимписки медал во кариерата, повторно ја разгоре омразата кон него, се разбира, особено во британските медиуми.

Сепак, не е сè толку црно. Ова го покажува колумната на британскиот колумнист Јанис Бабулиас, новинар на „Ал Џезира“, „Канал 4“, „Вајс“ и „Политика“. Во колумната објавена на страниците на „Спектатор“ тој застана во одбрана на Ѓоковиќ. Тој исто така го наслови својот напис „Во одбрана на Новак Ѓоковиќ“.

  • Ѓоковиќ имаше феноменална година, но и шампионите имаат слаби денови. И покрај многуте успеси, јасно е дека има голем број навивачи кои беа среќни кога ги загуби – и натпреварот и нервите. Фер е да се каже дека Ѓоковиќ е поларизирачка фигура, така што критиките на негова сметка не се невообичаени. Тој, всушност, беше мета во поголемиот дел од кариерата, и во однос на навивачите и во медиумите. Дали заслужува посебен презир, праша Бабулиас, па додаде:
  • Ѓоковиќ не е човек кој лесно ќе го засакате. Понекогаш, кога го победува својот ривал, ја исмева непријателската публика настроена кон него. Неговите прослави се премногу драматични, додаде колумнистот.

Авторот нагласува дека работите што ги прави Ѓоковиќ се забораваат.

  • Повторно, каква и да е пресудата на неговите колеги како Ник Кирјос, или Пирс Морган, кој го нарече Ѓоковиќ „разгалено момче“ по неговиот настап на Олимпијадата, која е вистинската вистина за Ѓоковиќ? Ѓоковиќ е топла и весела личност надвор од теренот. Преку неговата фондација собира и донира милиони долари и помага на својата Србија, но и во странство. За време на пандемијата, тој донираше милион долари за медицинска опрема и респиратори во српските болници. Зарем тоа е лошо за лице кое го презираат толку многу?, се вели во колумната.

Колумнистот за британскиот неделник се прашува дали има „нешто помрачно во коренот на толку многу антипатии“ кон Србинот?

  • За некои љубители на тенисот, нема сомнение дека е натрапник, така што како таков се соочува со чист снобизам. Тој е дете од Балканот – не е толку учтиво како швајцарскиот шампион Роже Федерер ниту убав и насмеан како шпанскиот тенисер Рафаел Надал. Ѓоковиќ не е единствениот играч што ги загуби нервите на теренот. Видовме такви работи од шампиони како Серена Вилијамс или Роже Федерер, смета Британецот.

На крај ја заврши колумната со пофалби на адреса на Новак.

  • Ѓоковиќ е еден од најдобрите тенисери што светот ги видел, соборуваше рекорди по рекорди, тој е идол на младите во Србија и го користи своето време и богатство за да им помогне. Исто така, се залага за млади тенисери кои се на самиот старт. Сепак, премногу пати во случајот на Новак, тие работи ќе останат незабележани. Тешко дека ќе го обвините Ѓоковиќ дека понекогаш го губи трпението и ги исмејува противниците, заврши Бабулиас.