Светскиот тениски рекет број еден Србинот, Новак Ѓоковиќ, повторно се најде на удар на американскиот новинар Бен Ротенберг. Тој не ја пропушта можноста да го испровоцира Ѓоковиќ, а овој пат главна тема беше изливот на емоции на мечот против Италијанецот Матео Беретини во четвртфиналето на вториот грен-слем турнир Ролан Гарос.

Новак нервозно по загубениот сет својот бес го истури прво кон својата ложа, а во една ситуација и на рекламното пано.

– Овој тип има проблем со бесот, гласеше првиот твит на американскиот новинар, а пота следеше уште еден.

-Претходниот твит го објавив пред славењето на Новак, кога го скрши рекламното пано покрај теренот. Исфрлувањето од САД  Опен  не беше несреќен случај. Тоа беше логична кулминација на неговото однесување на теренот. Тој е голем шампион кој редовно прави сра*а на теренот, се вели во вториот твит на американскиот новинар.

Новак во четвртфиналето, во четири сета го совлада Италијанецот Матео Беретини  со 6:3, 6:2, 6:7, 7:5 и закажа полуфинален дуел со бранителот на титулата Шпанецот Рафаел Надал, кој исто така ов четири сета славеше во четвртфиналето над Аргентинецот Диего Шварцман со 6:3, 4:6, 6:4, 6:0.

Интересно за овој дуел е тоа што 13. шампион на овој турнир Надал досега нема загубено полуфинале во Париз, поточно има скор од 13:0. Овој дуел воедно ќе биде и реприза од минатогодишното финале во кое Шпанецот во три сета го совлада српскиот тенисер.

Во второто полуфинале силите ќе ги одмерат Гркот Стефанос Циципас и Германецот Александар Зверев. Ова воедно е и најмладото полуфинале во Париз од 2008 година, Циципас има 22 години, а Зверев е две години повозрасен од него.