ФОТО: EPAEFE/GEORGI LICOVSKI

 

 По 12 часа разговори, ја добивме спогодбата за реализацијата, односно Косово и Србија се договорија за анексот за спроведвување на договорот за нормализација на односите. Во рамки на тој анекс, страните се обврзаа да ги спроведат сите обврски без одложувања. Преговорите беа тешки, не кријам, па и штом 12 часа се разговарало, тоа е и знак за тешкотиите. Косово се согласи веднаш и тоа веднаш да почне во рамки на дијалогот за воспоставување аранжман за обезбедување ниво на самоуправа за Српската заедница на Косово. Кај косовската страна недостигаше флексибилност, а, од друга страна, Србија истакна дека принципиелно нема да потпишува ништо сè додека не се целосно подготвени да го имплементираат, изјави високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел

По 12 часовни маратонски преговори, во Охрид, со посредство на високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во саботата ноќта постигнаа согласност за имплементација на договорот од 27 февруари во Брисел помеѓу Србија и Косово. Иако не беше денот Д, а се потврди и дека „некогаш ѓаволот е во тајмингот”, двете страни заминаа од македонскиот Ерусалим со папки полни обврски, практични чекори што треба да се направи, кога, кој и како.

– Често се вели дека ѓаволот е во деталите, но некогаш ѓаволот е во календарот, во распоредот, тајмингот. Ние дискутиравме за тоа 12 часа. И мило ми е што ќе објавам, по 12 часа, конечно, ние имаме договор, согласност, за тоа како да се имплементира договорот. Можам да објавам дека Косово и Србија се согласија за имплементација на анексот на договорот за нормализација на односите. Имавме навистина долг ден во Охрид, им благодарам многу на нашите пријатели во Северна Македонија за големото гостопримство во преубавиот Охрид, крај преубавото езеро, планинините, за фантастичниот поглед. Сигурно ќе се вратиме тука за да поуживаме. Нашата цел денеска беше Белград и Приштина да се договорат за спроведување на договорот од последниот состанок од 20 февруари во Брисел. Договорот денеска беше на маса со цел да се договориме на каков практичен начин да се реализира тој – рече Борел по маратонскиот состанок.

– По 12 часа разговори, ја добивме спогодбата за реализацијата, односно Косово и Србија се договорија за анексот за спроведвување на договорот за нормализација на односите. Во рамки на тој анекс, страните се обврзаа да ги спроведат сите обврски без одложувања. Преговорите беа тешки, не кријам, па и штом 12 часа се разговарало, тоа е и знак за тешкотиите. Косово се согласи веднаш и тоа веднаш да почне во рамки на дијалогот за воспоставување аранжман за обезбедување ниво на самоуправа за Српската заедница на Косово. Страните ја поддржуваат декларацијата за исчезнати лица, која беше преговарана низ дијалогот потпомогнат од ЕУ, која е со високо ниво на важност. Кај косовската страна недостигаше флексибилност, а, од друга страна, Србија истакна дека принципиелно нема да потпишува ништо сè додека не се целосно подготвени да го имплементираат. Со цел да ги избегнеме овие последици, ние направивме предлози поврзани со потпишувањето и суштината. Предложивме поамбициозни точки за договарање, но тој план не се оствари сосема.

Тоа што страните го прифатија, а тоа е договорот и анексот, тоа станува составен дел на нивниот пат кон ЕУ. Страните се согласија дека тоа ќе биде важен дел од нивниот пат кон ЕУ, односно тоа ќе бидат нивни обврски, кои доколку не се реализираат, ќе се сносат последици. Но, секако, ако се спроведуваат, ќе имаат многу поволности страните на спогодбата. Се работи и за просперитет и безбедност на целиот регион, па и пошироко во геополитички контекст. В понеделник, шефовите на дипломатиите ќе се состанат, а в четврток и петок и лидерите на членките на ЕУ и јас детално ќе ги информирам за овие разговори. Косово и Србија мора да ги нормализираат односите, тоа не може веќе да се избегнува, договорот и анексот се во таа насока многу важни и ние ќе работиме напорно на таа реализација – рече Борел.

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнатиот договор, потенцирајќи дека станува збор за значајно оставрување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.

Мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ, рече премиерот Ковачевски. Тој од Охрид посочи дека за таа цел, потребни се тешки одлуки, како што направи земјава со Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.

Претседателот Стево Пендаровски, кој, исто така, беше присустен во Охрид, изјави дека позитивната вест на крајот од оваа сесија разговори во Охрид е добра за целиот регион, не само за оние страни што се инволвирани во неа.

Договорот го поздрави и американскиот преставник за Западен Балкан, Габриал Ескобар, истакнувајќи дека тој е неопходен за воспоставување мирољубиви и предвидливи односи меѓу двете страни.

– Тоа не само што ги отвора вратите за евроатлантска интеграција на двете земји туку ја отвора и вратата на регионот за нова ера на мир. Без нашите пријатели и сојузници, ова немаше да се случи. Ова е уште еден доказ дека Северна Македонија е доверлив партнер што им помага на САД и на ЕУ да постигнат регионална стабилност – изјави Ескобар, најавувајќи дека САД ќе се заложат да помогнат во спроведување на договореното во интерес на двете земји и на регионот, со цел мирот да стане реалност на Балканот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека со договорот е направен добар исчекор во конструктивна атмосфера и двете страни ќе почнат нешто да работат.Тој вчера на граѓаните на Србија  им ја претстави секоја од точките во имплементацискиот план, а денеска ќе почне консултации со сите пратенички групи во Собранието.

Косовскиот премиер Албен Курти изјави дека е постигнат договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор, но останува на Европската Унија да најде механизам статусот на овој договор да биде правно и меѓународно обврзувачки.

Средбата во Охрид беше продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

 Вучиќ: Имам неподносливи болки во десната рака, а само со десната се потпишувам, ќе ме боли уште четири години…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ,  денес во обраќањето до јавноста од зградата на Претседателството, ден по реговорите во Охрид, порача дека е важно Србија повеќе да не зависи само од добрата волја на Приштина, што е позитивен потег во преговорите, „но и од тоа колку сме подготвени да направиме одредени работи“. По читањето на целиот анекс на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, тој рече дека не го потпишал ниту договорот ниту анексот „пред сè затоа што Србија е меѓународно правно призната држава, за мене Косово не е тоа и не сакам да склучувам меѓународно правни договори со Република Косово“.

Тој посочи дека неговите изјави се значајни за државата и затоа недвосмислено зборува за црвените линии за Србија, кои се противење на признавањето на Косово и неговиот прием во ОН.

– Токму затоа не го потпишавме како што го нарече ЕУ договор или анекс.-Имам неподносливи болки во десната рака, а само со десната се потпишувам, ќе ме боли уште четири години. Секако, ова беше шега… објаснив зошто не потпишувам. Се однесувам одговорно и сериозно и знам што потпишувам, а навикнат сум да го правам тоа 16 часа, ги стекнав тие работни навики. Мислам дека направивме добри работи за Србија и за регионот и сега да почнеме да работиме што посилно и што посилно, одговори Вучиќ на прашањето зошто синоќа не сакал ништо да потпише.

Вучиќ рече дека е важно да се биде на европскиот пат, притоа да се чуваат државните и националните интереси.

– Го сменивме текстот на договорот, за среќа, преговорите траеја 12 часа и тука имам предност пред другите бидејќи сум поиздржлив. Колку што подолго трае толку ми станува подобра концентрацијата. Проблемот е кога трае 2-3 часа. Важно е да се почне сега, тоа е српскиот менаџерски тим, тие ќе треба да го изнесат својот предлог на највисоко ниво на дијалог, ќе одиме со него, ќе видиме како ќе се одвива сè. За нас нема дополнителни обврски. –

По маратонскиот состанок во Охрид, Вучиќ се осврна и на тоа што ќе каже Курти: „Албанската страна знам дека и вечерва ќе инсистира и зборува за тоа дека не сум потпишал ништо. Јас сум ставил до знаење што се нашите црвени линии. Мислам дека ако ништо друго, направивме помрднување на работите во конструктивна атмосфера и ќе почнеме нешто да работиме. Не е денот Д, но беше добар ден“.

 

 Курти: Дојдов во Охрид да го потпишам договорот

– Постигнавме јавен договор за анексот што ќе води кон спроведување на основниот договор – изјави косовскиот премиер Албен Курти по средбата.

Курти рече дека дошол во Охрид со намера да го потпише основниот договор со анекс, но дека српската страна и овојпат избегнувала негово потпишување, исто како на последната средба во Брисел, на 27 февруари. Според Курти, основниот договор де факто значи заемно признавање на двете страни. Прашан дали ќе почне враќањето на Србите на Косово, Курти рече дека се залага за правата на сите граѓани на Косово.

– Тоа значи дека се залагам и за оние штоп сакаат да се вратат. Повеќето од нив веќе ги имаат продадено имотите, но има и такви што имаат имоти во Косово и се залгам за правата на сите тие луѓе без разлика на нивната припадност. Ќе дадеме сè од себе српското малцинство на Косово по ниту еден основ да не се почувствува дискриминирано – рече Курти.

Одговарајќи на новинарски прашања за исчезнатите лица, Курти рече дека ќе се залага максимално да се открие нивната судбина и да се обезбеди правдата за нив.

Акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи

Средбата во Охрид предизвика голем интерес кај медиумите од регионот и од целиот свет, со акредитирани 230 новинари и сниматели од бројни медиумски куќи.

Косово прогласи независност од Белград во 2008 година. Од 2011 година, Србија и Косово се ангажирани во дијалогот инциран и предводен од Брисел. Во 2013 година, тогашните премиери на двете земји, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, го постигнаа т.н. Бриселски договор, но многу елементи од него останаа неимплементирани до денес. Главниот камен на сопнување во процесот е формирањето на заедницата на српски општини  во Косово, што Приштина одбива да го спроведе, стравувајќи дека тоа ќе создаде ентитет сличен на Република Српска во земјата, што потоа ќе ја загрози нејзината функционалност.

Рама: Да се надеваме дека договорот нема да биде уште една балканска измама

– Да се надеваме дека ѓаволот не е во деталите и дека договорениот, но непотпишан договор не е уште една балканска измама! Во спротивно, ова би било историско достигнување што би ја навестило долгоочекуваната пролет во односите меѓу двата најголеми балкански народа. И, искрено да им честитаме на четворицата протагонисти на охридската трпеза, посакувајќи наскоро договорот да се претвори во нова неповратна реалност меѓу Косово и Србија, Албанците и Србите, Западен Балкан и Европската Унија – напиша Рама на Твитер.

Што предвидува „охридскиот анекс“ (Интегрално)

Дијалог меѓу Белград и Приштина: Анекс за спроведување на Договорот за патот кон нормализирање на односите меѓу Косово и Србија

– Овој анекс е составен дел на Договорот.

– Косово и Србија целосно се обврзуваат да ги почитуваат сите членови од Договорот и овој Анекс и да ги спроведат сите свои обврски кои произлегуваат од Договорот и од овој Анекс брзо и со добра волја.

– Страните забележуваат дека Договорот и Анексот за имплементација ќе станат составен дел на соодветните процеси за пристапување на Косово и Србија во ЕУ. Страните забележуваат дека веднаш по усвојувањето на Договорот и овој Анекс, посредникот на ЕУ ќе започне процес на промена на критериумите за Поглавјето 35 за Србија поради обврските кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс. Агендата на Косовската специјална група за нормализација подеднакво ќе ги одразува новите обврски на Косово кои произлегуваат од Договорот и овој Анекс.

– Страните се согласуваат итно да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ.

– За да се примени членот 7, Косово веднаш иницира преговори во рамките на Дијалогот со посредство на ЕУ за воспоставување конкретни аранжмани и гаранции за обезбедување соодветно ниво на самоуправа за српската заедница на Косово, во согласност со релевантните претходни договори за дијалог кои се утврдени од посредникот на ЕУ.

– Страните се согласни во рок од 30 дена да формираат Заеднички одбор за следење, со кој претседава ЕУ. Спроведувањето на сите одредби ќе биде обезбедено и надгледувано од Заедничкиот одбор за следење.

– За да се имплементира членот 9, ЕУ во рок од 150 дена ќе организира донаторска конференција со цел да се воспостави пакет за инвестиции и финансиска помош за Косово и Србија. Помошта нема да биде доделена пред ЕУ да утврди дека сите одредби од Договорот се целосно имплементирани.

– Косово и Србија се согласуваат дека ќе ги спроведуваат сите точки независно една од друга.

– Редоследот на ставовите од овој Анекс не го доведува во прашање редоследот на нивното спроведување.

– Косово и Србија се согласуваат дека нема да ја блокираат примената на ниту еден член (точка).

– Сите дискусии поврзани со спроведувањето на Договорот ќе се одвиваат во рамките на Дијалогот што го води ЕУ.

– Косово и Србија примија на знаење дека секое неисполнување на нивните обврски од Договорот, овој Анекс или претходните договори за дијалог може да има директни негативни последици за нивните процеси за пристапување во ЕУ и за финансиската помош што ја добиваат од ЕУ.

(В.М.Б.)