Поранешниот прв човек на Формула 1 тимот Рено, Италијанецот Флавио Бријаторе го даде своето мислење за споредбите меѓу Германецот Михаел Шумахер и Британецот  Луис Хамилтон, кои сè повеќе се прават во последно време.

Луис сега е шесткратен светски шампион и со нова титула ќе се изедначи со рекордот на Михаел од седум титули, нешто што никој не веруваше дека може да се случи.

И покрај неспорните успеси на Хамилтон, поранешниот шеф на Бенетон и Рено смета дека борбата на патеката за Шумахер била потешка и, според тоа, неговите победи се поценети.

– Михаел се бореше со одлични пилоти на секој сантиметар од патеката. Кога тој влезе во Формула 1, конкуренцијата беше огромна. Имаше шампиони како Аиртон Сена или Најџел Менсел, нема потреба да се оди понатаму. Во моментов конкуренцијата не е на вистинско ниво и со години не успева да го стави под притисок Хамилтон. Само Нико Розберг успеа да влезе под неговата кожа и да го победи при сосема еднакви услови на патеката. За следната титула на Луис ќе му треба само да заврши и нема да има кој да го спречи, изјави Италијанецот