Поранешниот возач во Формула 1, Дејвид Култхард (49), говореше за здравствената состојба на легендарниот Германец Михаел Шумахер, со кого некогаш водеше големи битки на патеките ширум светот.

  • Го познавам Михаел затоа што се натпреварувавме заедно. Подоцна знаевме и да се сретнеме на забави. Таму откривме дека имаме слични интереси. За него, семејството беше сè, исто како и за мене. Отсекогаш сум се восхитувал како тој и неговата сопруга Корина ги воспитуваа своите деца, истакна Култхард.

Шумахер за жал се здоби со тешка повреда на главата при скијање во 2013 година. Тој претрпе тешки повреди на мозокот, а и денес не е познато во каква состојба е затоа што семејството се одлучи за целосна приватност. Но, Култхард е свесен дека Шумахер е во критична состојба, пренесуваат странските медиуми.

  • Секако, сите се надеваме дека Михаел ќе се опорави, но ситуацијата е таква каква што е, смета Култхард.

Шкотланѓанецот дипломатски одговори на прашањето кој е подобар возач, Шумахер или Луис Хамилтон.

  • Нема сомнение дека Михаел, доколку возеше денес, ќе имаше противник достоен за себе. Мислам дека Шумахер е исклучителен возач, но и дека Луис е исто така исклучителен, заврши Култхард.

Инаку, и двајцата имаат по седум шампионски титули во Формула 1, со тоа што Хамилтон е сеуште активен возач, а воедно следната сезона може да избие на чело кога е во прашање оваа статистичка категорија. Покрај тоа, Британецот оваа сезона успеа да собори неколку рекорди кои беа во сопственост на Германецот, како најмногу победи во кариерата и најмногу подиуми. Но, на Хамилтон му преостануваат уште три рекорди кои ги држи Шумахер, а во преостнатите три трки од шампионатот истите може да бидат изедначени или да заминат во рацете на Британецот. Тоа се бројот на победи во една сезона (Шумахер – 13, Хамилтон – десет оваа сезона), најмногу подиуми со еден констурктор (Шумахер – 116 со Ферари, Хамилтон – 114 со Мерцедес), како и вкупно водство по кругови (Шумахер – 5.111, Хамилтон 5.043).

Големата награда на Бахраин е на програмата на 29 ноември, а на истата патека ќе се вози и на 6 декември, додека последната трка во сезоната е во Абу Даби на 13. декември.