Штрајкот на пазарџиите од Зелен пазар ставен во мирување

153

По четири дена по ред блокирање на сообраќајот во центарот на Скопје, протестот на пазарџиите од Зелен пазар денеска е ставен  во мирување се до понеделник.

Тоа било решено на вчерашната средба на пазарџиите со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ пред седиштето на општината.

Пазарџиите вчера по протестите кои секој ден започнуваат во 8 часот, а завршуваат во 10 отишле пред Општината Центар, со намера да се видат со градоначалникот Богдановиќ.

Како што информираат пазарџиите, Богдановиќ ги удостоил и излегол од Општината, но според нивни кажувања, со нив се видел само на кратко и ги известил дека ќе ги прими официјално во понеделник во 16 часот, кога и ќе ги слушне нивните барања.

-Пазарџиите имаат поднесено барање за средба. Се договоривме да разговараме кај мене во понеделник, во 16 часот. Јас се уште не сум ги слушнал нивните барања, откако ќе ми ги кажат, ќе видиме како и што ќе договориме-кусо изјави Богдановиќ.   

Пазарџиите се револтирани од зголемената цена на паркингот „АвтоМакедонија“ од 40 на 70 денари од час, бидејќи сметаат дека на тој начин ќе им се намали работата, а од друга страна пак градоначалникот Богданович и од јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ велат дека овој паркинг пред се треба да им служи на околните жители на зградите, а не како што велат да се злоупотребува од пазарџиите на различни начини, па дури и со нелегална продажба на алкохол, цигари и друго.

(А.П.)