Што ќе понуди Заев за да обезбеди двотретинско мозинство?

146

Нова неизвесност до последен момент носи последната фаза од уставните измени која а ќе заврши во следниве неколку дена. Се преговара со сите пратеници, пазарот е до крај неизвесен, што ќе се понуди, и што од понуденото ќе се прифати. Премиерот Зоран Заев е оптимист, вели – ќе ги слушне сите барања и очекува дебатата да заврши за три дена, поради бојкотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

-Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Очекувам од Касами да слушнам што ја загрижува БЕСА, нејзините гласачи и поддржувачи, рече Заев пред срадбата со Касами.
Во однос на процесот на уставни измени кај нас, премиерот Зоран Заев во интервју за грчкиот весник “Ефимерида тон синдактон” вели дека во овој момент не знае колку пратеници ќе гласаат “за”, но верува дека ќе бидат над 80. Објаснува дека во тек е процесот на поднесување на амандмани за уставните амандмани.

– Секако, процесот се води во консултација со грчката Влада, бидејќи е важно да биде во духот на Договорот од Преспа, со единствена цел зајакнување на нашето пријателство, вели Заев.

Во однос на одбивањето на македонскиот претседател да ја потпише ратификацијата на договорот, Заев вели дека постојат алтернативни можности, но она што сега има предност се уставните измени.
Премиерот за Договорот од Преспа во интервјуто вели дека во иднина не може да се промени, а изразува надеж дека решението меѓу Македонија и Грција ќе добие зелено светло од пратениците и во двете земји, но не ја крие и неговата загриженост.

– Да, загрижен сум, како што сум загрижен и за нашето собрание, бидејќи, на крајот, гласаат пратениците, одговара Заев во однос на претстојните процеси во грчкиот Парламент, едниот за ратификација и на договорот, другиот за ратификација на протоколот за членство во НАТО.

Во оваа фаза, и Алијансата за Албанците достави амандмани за уставните измени. Двете опозициски партии од албанскиот блок во свои раце имаат четири гласа за уставните измени, и бараат во амандманите на Преспанскиот договор да се избрише зборот „македонско“ во параграфот за државјанството и да се замени со „граѓани на Северна Македонија“. Исто така албанската опозиција бара албанскиот и македонскиот јазик да фигурираат како службени јазици во Уставот.

Лидерот на Беса Билал Касами претходно изјави дека доколку власта нема слух за нивните барања, неговите пратеници нема да ги поддржат уставните измени, со што во прашање се доведува потребното мнозинство.

Професорката по уставно право, Тања Каракамишева деновиве најави тужба против власта за повреда на правото на самоопределување поради Договорот од Преспа. Таа ги повикува граѓаните да се вклучат во тужбата, која би била спроведена волонтерски, а судските трошоци би се покриле од донации.
Според Каракамишева во меѓународното право забранети се договори со кои се повредуваат човековите права, еднаквоста на државите, или правото на народите на самоопределување. Каракамишева најавува дека ќе ја тужи власта пред домашните и меѓународните судови.

Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува по божикните празници на 9 јануари кога е закажана собраниската седница за усвојување на уставните измени. Текстот на амандманите на Уставот на предлог на Владата за да поминат треба да бидат поддржани од најмалку две третини од пратениците во законодавниот дом.
Со уставните измени што се неопходни за спроведување на Договорот од Преспа се предвидува додавање на придавка Северна во името на Република Македонија во целиот текст на Уставот, измени во Преамбулата каде при наведување на државотворните традиции се потенцира АСНОМ и се наведуваат сите одлуки поединечно што се таму донесени, гаранција за неповредливоста на територијалниот интергритет и суверенитет на земјава и грижа за дијаспората и Македонците во странство.