„Треба да најдеме начин како театарот да остане уметност, а истовремено да се носи со новото време. Затоа на театарските управници, директори, драматурзи и режисери е оставено да го најдат начинот“, вели театрологот Ана Стојаноска за состојбите во македонскиот театар

Театарската уметност беше една од најпогодените со пандемијата, а во последните неколку години намалена е и домашната театарска продукција. Во неодамнешното интервју во весникот ВЕЧЕР, театрологот Ана Стојаноска посочи дека иако е така, сепак театарот покажал дека може да се приспособи и дека може да се трансформира. „Пандемијата, кризите, лошите општествени ситуации во уметникот треба да го разбудат поривот да се преживее. А уметникот преживува со својата уметност“, истакна таа. Според Стојаноска, театарот денес треба да се бори за внимание, многу повеќе отколку низ вековите. „Затоа на театарските управници, директори, драматурзи и режисери е оставено да го најдат начинот. Треба да најдеме начин како театарот да остане уметност, а истовремено да се носи со новото време“, посочува таа. А дали повторно ќе почнат да се полнат театрите ќе зависи од театарските уметници кои оваа година премиерно на својата публика ќе ѝ ги понудат следниве претстави.

Македонскиот народен театар годинава ќе прикаже само две премиери кои ќе бидат поддржани од Министерството за култура. Станува збор за претставата „Иванов“ во режија на Зоја Бузалковска која доби 2 милиони денари, и за која веќе почнаа читачките проби, а чија премиера е најавена за мај. Втората, пак, е „Животите на другите“ во режија на Нела Витошевиќ со 1 милион и 400 илјади денари. Витошевиќ годинава за 1 милион денари („Камен“) ќе режира и во Драмскиот театар – Скопје, каде на програмата ќе има уште три премиери од парите на Министерството за култура: „Кафезот кај откачените“ на Димче Николовски поддржана со 800 илјади денари, „Мачкина глава“ во режија на Дејан Пројковски со 900 илјади денари и „Пикник на фронтот“ на Андреј Цветановски со 700 илијади денари.

На битолската публика, Народниот театар од Градот на козулите ќе ѝ понуди три нови претстави, а за секоја од народните пари предвидени за драмска дејност доби по 1 милион и 150 илјади денари: „Калигула“ во режија на Вељко Мицуновиќ, „Хазарски речник“ во режија на Кокан Младеновиќ и „Пер Гинт“ во режија на Оља Лозица. И Театарот „Комедија“ од Скопје во 2023 на својата публика ќе ѝ прикаже три премиери: „Ало, ало“ на Синиша Евтимов (900 илјади денари), „Полковникот птица“ во режија на Јане Спасиќ (600 илјади денари) и „Да умреш од смеење“ во режија на Срѓан Јанаќијевиќ (700 илјади денари).

Во Театарот за деца и младинци, пак, годинава ќе се постават „Не е крај на светот“ во режија на Јане Спасиќ (за 400 илјади денари) и „Франкенштајн“ на Кокан Младеновиќ (со 1 милион и 400 илјади денари), додека во Албанскиот театар: „Сараево филинг“ во режија на Фатос Бериша, „Вујче Вања“ во режија на Владимир Милчин, „Смртта и девицата“ – во режија на Афердита Нухији и „Таткото“ во режија на Иван Поповски – сите со по 875 илјади денари.

Со три премиери годинава ќе биде и Турскиот театар. На својата публика ќе и ги понудат новите претстави „Болва во уво“ во режија на Синиша Евтимов (со 800 илјади денари), како и „Знаме“ во режија на Билге Емин и „Медеа“ во режија на Сибел Абдиу – двете по 700 илјади денари.

Во театарот „Јордан Х.К.Џинот“ во Велес, пак, оваа година ќе гостува украинскиот театарски режисер Андриј Жолдак. Тој ќе ја постави претставата „Едвард втори“ за 2 милиони денари. Велешката публика ќе може премиерно да ја види и „Лепа Ангелина“ во режија на Љупчо Георгиевски (за 700 илјади денари).

Што се однесува за кумановскиот театар во рамки на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, таму, на програмата ќе бидат четири нови претстави кои ќе бидат поддржани од Министерството за култура. Станува збор за „Сомнително лице“ во режија на Синиша Евтимов (600 илјади денари), „За кого бијат камбаните“ во режија на Мартин Кочовски (900 илјади денари), потоа „Балкон“ во режија на Гент Мехмети (500 илјади денари) и „Лет над театарот на Косово“ во режија на Ерсон Зимбери (за 1 милион денари).

Прилепската публика ќе има можност во Центарот за култура „Марко Цепенков“ да погледне три премиери: „Конкурс“ во режија на Владимир Милчин и „Големиот Гетсби“ во режија на Дино Мустафиќ – двете со по 1 милион денари и „Хамлет“ во режија на Бранко Брезовец (700 илјади денари), а исто толку нови претстави и струмичката публика во Центарот за култура „Антон Панов“: „Вујко Вања“ во режија на Дејан Ангелов (600 илјади денари), „Поблиску“ во режија на Зоја Бузалковска и „Куќа на граница“ во режија на Андреј Цветановски – двете со по 650 илјади денари.

И Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип со три премиери: „Женидба“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски и „Кротење на sверката“ во режија на Наташа Поплавска – двете со по 650 илјади денари и „Роденден“ во режија на Васил Христов (600 илјади денари). Исто толку премиери и во Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид. Станува збор за „Чекајќи го Годо“ во режија на Сашо Миленковски и „Несфатената цивилизација“ во режија на Софија Ристевска Петрушева – двете со 650 илјади денари и „Серјожа е туп“ во режија на Дејана Николовска (600 илјади денари).

Што се однесува до театарските фестивали на националните установи, од Министерството за култура за 2023 година поддршка добија: Драмскиот театар за Фестивалот Регионална унија на театри – РУТА што ќе се одржи во Скопје, Народниот театар од Битола за „Битола Шекспир фестивал 2023“, Тетовскиот театар за Меѓународниот фестивал на Тетовски театар 2023, ЦК „Јордан Х.К.Џинот“ од Велес за Интернационалниот фестивал на античка драма „СТОБИ“ и ЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово за Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ – сите со по 600 илјади денари, како и ТДМ за Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ – 400 илјади деанри, ЦК „Ацо Шопов“ од Штип за Театарскиот фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип – 100 илјади денари и ЦК од Битола за Интернационалниот фестивал на монодрама – 500 илјади денари.

Поддршка од Министерството за култура по околу 4 милиони денари добија и Младинскиот културен центар за 48. Меѓународен театарски фестивал „Млад Отворен Театар“ и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за своето 57 издание. Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ – Струмица за 31. издание доби 800 илјади денари, 16. Интернационален фестивал на пантомима и физички театар „ПАНФИЗ” околу 250 илјади денари, Интернационалниот театарски фестивал 21. „Актерот на Европа“ околу 350 илјади денари, а Факултетот за драмски уметности за Меѓународни студентски средби на студентите на академиите и факултетите за драмски уметности „СКОМРАХИ 2023“ – 700 илјади денари. (Н.И.Т.)