Што точно се менува во Преамбулата на Уставот

84

Со Алијансата на Албанците на Зијадин Села е постигнат договор за уставните измени.
Дел од нивните барања се прифатени во однос на Преамбулата на Уставот, која ќе претрпи дополнителни измени.
Премиерот Зоран Заев го прифатил предлогот на Села што се однесува на делот на преамбулата „граѓаните коишто живеат во границите“, посочувајќи дека конечната формулација ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“.

„Зборчето „граѓаните“ пред „коишто живеат во границите“ пропуштивме да го тргнеме заради тоа што граѓаните се спомнуваат во почетокот на преамбулата и стои „граѓаните во Македонија, македонскиот народ и граѓаните како дел од албанскиот народ…“, сега е во моментот како што е формулирано, ова второто „граѓани“ се тргнува. Конечната варијанта ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ…“ како што е соодветно наведено тоа поприлично ги воедначува граѓаните пред својата татковина – Република Македонија“, вели Заев.

Прифатливо е и Косово да биде наведено како петта држава со кога граничиме. Формално правно во овој момент не може да се разговара албанскиот јазик да биде официјален јазик на целата територија.

Деновиве ќе има и неколку средби на работни групи на Владата и претставници на БЕСА на Билал Касами.

Финалната трета фаза од уставните измени започнува утре. Од ВМРО-ДПМНЕ веќе најавија дека нема да учествува во дебатата. Очекувањата се дека ќе се обезбеди двотретинско мнозинство и целиот процес ќе заврши до крајот на неделава.

На Заев му требаат 80 пратеници за промена на името на земјата.