Скопје и Софија и на крајот на француско претседателство со ЕУ остануваат без договор околу условите за отстранување на бугарското вето за македонските преговори со ЕУ. Експертските преговори на двете МНР продолжуваат, но засега нема информација за заемно прифатливо решение. Вината за неуспехот сега и кај нас се бара во „двојната“ дипломатија на МНР и Владата, откако претходно слично обвинување имаше и во Бугарија. Оптимизмот на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека сите пречки се отстранети за одржување на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија и Албанија не го делат македонските експерти.

Според д-р Малинка Ристевска-Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика (ЕПИ) од Скопје, изјавите на комесарот Вархеји се класичен спин и своевиден притисок недоличен за неговата позиција.

„Тој требаше да го брани Предлогот на преговарачката рамка на Европската комисија од јуни минатата година. Наместо тоа, тој зазема страна и ја нарушува објективната позиција, којашто Комисијата треба да ја има во пристапниот процес. Она што, исто така, загрижува е политичката заднина и мотиви на комесарот Вархеји на кои упатуваат повеќе странски аналитичари. За ова најмногу треба да се загрижат неговите политички пандани во Македонија, кои инаку ветуваат цврст став кон Бугарија“, изјави за весникот ВЕЧЕР, д-р Ристевска-Јорданова.  

Со сличен став е и проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, професорка по уставно право и политички систем, која смета дека Вархеји ги игнорира македонските позиции, но и дека македонските власти треба да објаснат „што сè испорачале во ЕУ“.

„Во однос на изјавата на Вархеји гледам комплетно игнорирање на македонските позиции од страна на ЕУ и целосно прифаќање бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка што е капитулација на нашата дипломатија и меѓународна позиција. Ако убаво се чита изјавата, се добива впечаток дека Македонија испорачала сè што ѝ било побарано. Вархеји вели „овие земји (се мисли на Македонија и Бугарија) испорачаа сè што е побарано од нив“. Надлежните власти во Македонија мора да ѝ објаснат на јавноста што сè испорачале во ЕУ, дали тоа значи целосно прифаќање бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка, дали значи дека направиле државна капитулација? Ако македонската влада направила сè што и било побарано без знаење на македонските граѓани тогаш, таа ја довела државата во состојба на потчинетост кон друга држава, ја ставиле државата во покорна и вазалска позиција што е кривично дело согласно КЗ на Македонија и што е спротивно на сите национални, европски и меѓународни вредности и акти“, изјави за весникот ВЕЧЕР, Каракамишева-Јовановска.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска посочија дека премиерот Ковачевски признал дека сè уште тајно зад затворени врати се водат официјално преговори во Софија, во врска со предлогот за протоколот за ЕУ.

„Кои се позициите на тимот кој го испраќа Владата на Димитар Ковачевски? Што имаат договорено до моментов, за да некои луѓе блиски до Владата и СДСМ, јавно кажуваат дека има простор да се испреговара протоколот, иако знаеме што значи тоа?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, рамно на чудо е очекувањето на некаков евентуален договор за тргање на ветото, бидејќи не може за еден ден да направиме клучен пробив во однос на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии.

Според д-р Ристевска Јорданова, главниот проблем се бугарските барања кои постојано растат, а „врел костен“ е и внесувањето на Бугарите во Уставот.

„Внесувањето на Бугарите во Уставот е воопшто спорно, и тоа не само затоа што Бугарија не ги признава ни рудиментарните права на слобода на изразувањето на македонското малцинство. Бугарија целосно го негира македонскиот идентитет и е сосема јасна во однос на нејзините претензии за негово менување. Како што вели бугарскиот претседател Радев, кој инаку постојано го користи терминот „македонски Бугари“: да се поништи претходната „дебугаризација“. Промената на Уставот е една од двете влезни точки за остварување на сите барања на Бугарија во документите на ЕУ за преговорите (покрај спроведувањето на Договорот за добрососедство). Бугарските амбиции и барања постојано растат, особено кога гледаат очајна попустливост од наша страна“, заклучува Ристевска-Јорданова.

Потврда дека нема да има чудо во однос на деблокада на преговорите на Македонија со ЕУ стигна и од Брисел. Топката, според ЕУ, е во рацете на Скопје и Софија. Доколку до крајот на јуни нема напредок, прашањето се префрла кај следното претседателство, а тоа е Чешка, од 1 јули до 31 декември. Претходно месецов, Владата во Прага ги соопшти приоритетите на своето претседавање во кои не е наведено проширувањето на Европската Унија кон Западен Балкан.

Вината за неуспехот во преговорите со Софија сега и кај нас се бара во „двојната“ дипломатија на МНР и Владата, откако претходно слично обвинување беше упатено кон бугарската влада на премиерот во оставка Кирил Петков. Поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, кој е наведен дека учествувал во „двојните“ преговори, вели дека е подготвен да прифати сослушување, за да се „отворат сите карти како што личи во една демократија“.

„Веднаш да одговорам – прифаќам сослушување, затворено, јавно уште подобро, какво било и отворање на сите карти како што личи во една демократија. Па да видиме кој за што се борел, кој какви позиции застапувал, кој солирал и како солирал – во или надвор од македонските линии и на крај на денот – дали јас навистина сум почнал да зборувам откако не сум во Владата, или не сум во Владата поради мојот став. Притоа, едно е да се бориш за своите позиции во рамките на државните координации, но друго е откако линиите се веќе утврдени, надвор да даваш поинакви сигнали или застапувања“, напиша Димитров на социјалните мрежи во врска со текстот на новинарот Бранко Героски, во кој се наведува извештај за двојна дипломатска игра во преговорите со Софија.

(И.С.)