ШТО СОДРЖИ ПЛАНОТ С 15 – БУТЕЛ: Место лозови насади, се планира да никнат згради

598

Мнозинството во Советот усвои Регулациски план за градска четврт С 15 (Општина Бутел). Со него 9,2 хектари земјиште под лозови насади (доминантно државна сопственост) комотно може да стане станбени згради, иако можеше подобро.

Советничката во Град Скопје, Драгана Велковска вели дека иако постои регулациски план од 2015 година истиот не беше даден на увид на советниците за да може да се направи компаративна анализа и да се утврди квалитативното подобрување на новоусвоениот план.

– Иако во ГУП за оваа четврт има предвидено без малку 0% зеленило, ГУП е флексибилен и допуштено е 3-4% отстапка за јавни намени, што значи дека најмалку толку може да се додаде зеленило. Ако не се користат механизмите за дозволено коригирање на ГУП, донесувањето на регулациски план нема никаква поента, освен побрзо носење на детални планови кои е уште помалку веројатно дека ќе се носат во корист на јавниот интерес – е една од суштинските забелешки на Велковска по, како што вели, консултација што ја направила со експерти за урбанистичко планирање.

Таа смета дека новиот регулациски план не ги решава проблемите кои ги констатирал, а имал шанса зашто има државно земјиште. Според неа, заложбите на планерот се само декларативни, за потоа со графичкиот и нумеричкиот приказ да се протне план кој е целосно спротивен на текстуалното образложение.

– На никаков начин не се гарантира заштита на критичните земјишни ресурси и разумно не се користат со тоа што целосно се пренаменуваат во домување. Планерот си поставува извесни цели и дава препораки (повеќе зеленило за неутрализирање на тропските ноќи) кои не се одразени во графичкиот и нумеричкиот приказ. Таму остануваат само постојните 0,26 хектари (=2600м2) парковско зеленило за повеќе од 6 илјади жители, иако имало шанса да се зголеми поради големото присуство, т.е. 9,2 хектари (92.000 м2) на земјиште под лозови насади веднаш покрај булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ – смета таа.

Според неа, се планираат сервисни улици со минимални тротоари од 1,5 метар на кои кога ќе се стават светилки, корпи итн., не ќе може ни двајца да се разминат.

– Практично, ниту со сообраќаен проект нема да може да се воведат велосипедски ленти внатре во оваа четврт, иако една од декларираните цели на донесување на планот е “насочување на сообраќајниот систем кон користење на еколошки прифатливи средства – нагласува Велковска.

Поради тоа што смета дека овој план нема одржливост, таа предлага истиот да се повлече и унапреди, а предлагачот да ги прифати нејзините забелешки.

– Постои реална опасност во следните две години до донесување на новиот ГУП да се усвојат регулациски планови кои ќе ја уништат и последната шанса Скопје да стане зелен град. Колку што ме држи сеќавањето, скопјани не го дадоа својот глас за такви политики – вели Велковска.

(С.Бл.)