На Локалните избори 2021 во процесот на гласање во Македонија за прв пат се применуваат уреди за биометриска идентификација на гласачите. За потребите на 3.480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4.000 терминали.

Со уредот за биометриска идентификација на гласачите управуваат само претседателот или заменик претседателот на Избирачкиот одбор кои  имаат посебни картички што се дел од доверливиот избирачки материјал и се чуваат во избирачкото место. Доколку тие се отсутни, со уредот управува лице од администрацијата определен со мнозинство гласови на присутните членови на избирачкиот одбор.

По отворањето на гласачкото место, покрај стандардната проверка на просторијата и целокупниот доверлив и недоверлив изборен материјал се врши и проверка на фукционалноста на уредот. При вклучување на уредот се најавува лицето што ќе управува со него, се избира јазик што ќе се користи и се печати извештај со моменталната состојба на податоците во уредот.

На екранот на уредот за биометриска идентификација на гласачите треба да се бидат прикажани следните податоци: избори и датум на избори, моментално време, општина, број на избирачко место, вкупно регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале, распределба по род на гласачи кои гласале. Уредот треба да даде и податоци одзивот на гласачите во време на гласањето во интервал не подолг од два часа.

Уредот се активира за идентификација на гласачите со започнување на гласањето во избирачкото место.

Во случај уредот да е технички неисправен и неупотреблив избирачкиот одбор веднаш телефонски ја известува ОИК да го замени уредот. ОИК веднаш праќа техничко лице кое е овластено од ДИК за да донесе нов резервен уред. Тоа лице на самото место ја утврдува состојбата, и ако е технички неупотреблив телефонски ја известува ОИК и ќе инсталира нов резервен уред во кој ќе ги префрли сите податоци.

Ако уредот е неупотреблив и не може да се замени тогаш ОИК со потврда од техничко стручно лице ангажирано до ДИК електронски ќе поднесе писмено барање до ДИК и ДИК ќе треба да одлучи дали гласањето ќе продолжи согласно со членот 108 од Изборниот законик.

Кога гласањето ќе заврши претседателот или заменик на претседателот на избирачкиот одбор го деактивира уредот за натамошна идентификација на гласачи, после што нема да може повторно да се активира. На мониторот на уредот освен податоците бројот на избирачкото место и времето, треба да биде прикажани вкупниот број на регистрирани гласачи, вкупно гласачи кои гласале со отпечаток од прст изразено во број и процент од вкупниот број на запишани гласачи на тоа избирачко место, бројот на гласачи кои не можеле да бидат идентификувани со уредот а се регистрирани во уредот преку скенирање на личниот документ или со рачен влез преку матичен број, како и број на мажи и жени кои гласале.

За транспорт и приомпредавање на уредите ОИК задолжително ја известува полицијата.

Во Упатството на ДИК се предвидени исклучоци од гласање со техничка опрема, а тоа се сите лица што ќе треба да гласаат во сабота, на еден ден пред денот на изборите. Тоа се болните и немоќните лица, лицата во притвор, затворениците, лицата со Ковид-19 или во изолација, внатрешно раселените лица, лицата во страските домови, лицата кои гласаат во ДКП-та. Утврдувањето на идентитетот на овие гласачи ќе биде со важечка лична карта или пасош, а дали гласал претходно ќе се проверува со УВ ламба и спреј.