Што се случи во ДИК?

Рачно се прегледуваат сите записници од гласањето. Дел од медиумите пренесуваат дека речиси 80.000 гласови наводно се погрешно распоредени, што вистински ја доведува во прашање точната симулација со пратенички мандати. Првичната симулација објавена ноќта по гласањето предизвика голем број реакции и сомнежи и на социјалните мрежи, но и во партиските кругови. Најевидентно за тоа е разликата на распоредот на мандати што ја објавија ДИК и политичките партии

851

Сенка на мирниот и демократски изборен процес фрли хаосот во Државната изборна комисија, кој почна непосредно по објавувањето на прелиминарните резултати. Низа сомнежи во распоредот на мандатите предизвика нападот на електронскиот систем на веб-страницата на Државната изборна комисија, која претпладнево во неколку наврати не беше во функција. Без официјални информации што точно се случило, рачно се прегледуваат сите записници од гласањето. Дел од медиумите пренесоа дека речиси 80.000 гласови наводно се погрешно распоредени, што вистински ја доведува во прашање точната симулација со пратенички мандати. За попладнево е најавена седница на која се очекува да бидат презентирани конечните неофицијални резултати од гласањето.

Канал 5 објави резултати од струмичко Ново Село, каде што наводно победиле ДУИ и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива.

Ирационалните резултати, наведува Канал 5, се однесуваат на три различни избирачки места во Ново Село. Така, на гласачкото место 1.784, ДУИ освоила 46,22%, а АА/А 25,21%. Од друга страна, пак, коалицијата „Можеме“ има 12,61%, а ВМРО-ДПМНЕ 8,4%.

Првичната симулација објавена ноќта по гласањето предизвика голем број реакции и сомнежи и на социјалните мрежи, но и во партиските кругови. Најевидентно за тоа е разликата на распоредот на мандати што ја објавија ДИК и политичките партии.

-Изразувам голем сомнеж во резултатите, во несовпаѓањето на бројките, во хакерскиот напад што трае и трае веднаш по затворањето на избирачките места?! Приказни за мали деца! – напиша на „Фејсбук“ професорката Тања Каракамишева-Јовановска.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека нивните пресметки покажуваат дека освоиле 49 мандати, додека ДИК првично симулираше 46 мандати за коалицијата на Заев. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, првично рече дека освоиле 12 мандати, а според првичната симулација на ДИК на интегративците им припаднаа 15, што не е разлика која може да се занемари. Левица на Димитар Апасиев првично доби еден пратеник, а симулацијата подоцна покажа дека најверојатно ќе добијат две пратенички места во Собранието.

Во исто време, медиумите објавија дека постапката за набавка на софтвер за веб-сајт на Државната изборна комисија, на којшто требаше во живо да се објавуваат резултатите од предвремените парламентарни избори, завршила на 8 јули 2020, кога, како што објави порталот „Сакам да кажам“ била одбиена жалбата на „Ај Воут“, фирмата која без проблеми го одржуваше сајтот на ДИК од 2006 година, т.е. од формирањето на ДИК како постојано тело.

Набавката на нов софтвер, пренесува порталот, е спроведена со преговарање без објавување на оглас, а како најповолен понудувач била избрана фирмата „Дуна“. Двете компании биле поканети на преговори од ДИК на 19 јуни 2020, а фирмите утредента ги доставиле понудите. Одлуката за избор на „Дуна“ е донесена на 22 јуни 2020. Истиот ден, „Ај Воут“ поднела жалба, којашто е одбиена од Државната комисија за жалби по јавни набавки како неоснована на 8 јули 2020.