Американската инфлуенсерка Ким Кардашијан го следеше во живо на „Емирати“ мечот меѓу Арсенал и Спортинг во Лига Европа и воедно го виде еден од најубавите голови оваа сезона. Пред неа, асот на Спортинг, Педро Гонкалвес (24), погоди од половина терен и сигурно ќе биде во конкуренција за годишната награда „Ференц Пушкаш“, која традиционално се доделува на стрелецот на најубавиот гол.

Судејќи по нејзината објава, фановите заклучија дека таа е дел од нов документарен филм за кој во моментов малкумина знаат, но очигледно има врска со фудбалот.

Според британските медиуми, нејзиното присуство на натпреварот е дел од мистериозниот документарен филм кој се снима на стадионот во северен Лондон. Овој гол на Гонкалвес сигурно ќе го разубави тој документарец, бидејќи со него португалскиот клуб израмни на 1:1 и го внесе мечот во продолженија по ремито од 3:3 во Лисабон. На крајот Спортинг славеше на пенали и обезбеди четвртфинале.