Што ли не чека од есен: На помош ни пристигнуваат и лекари од Шведска, Словенија и Германија

232

Македонските лекарски тимови од следната недела ќе бидат засилени со медицински персонал од Шведска и од Словенија, а најавена е помош и од Германија. Од Шведска, на барање на Министерството за здравство, а преку Механизмот за цивилна заштита пристигаат десет медицински сестри и еден лекар. Во најава е и пристигнување на медицински тим од Република Словенија. Трошоците за патувањето и сместувањето ќе бидат на товар на Министерството за здравство.

За ова директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џафероски ги информирал членовите на Главниот координативен кризен штаб за спречување на внесување и ширење на вирусот ковид-19, кој на 24 јули го одржа 103. состанок, а чиј записник веќе го усвои Владата.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, информирал дека од Берлин е најавена соодветна помош (медицински персонал, лекови, заштитна опрема, респиратори итн.) за сите држави од регионот. Записникот од 103. состанок на Главниот координативен кризен штаб се однесува на обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на ковид-19.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски изјави дека се планира и зголемување на капацитетите за тестирање и дијагностика со вклучување на уште три институции во кои ќе може таа да се прави, што ќе го зголеми дневниот капацитет за тестирање за ковид-19. Тој појасни дека на сегашните 11 институции за дијагностика, се планираат уште три нови со цел да се добијат уште 200 до 300 брисеви дневно, со што ќе се зголеми процентот на брисеви и од 1.500 дневно и можеби ќе се дојде и до 2.000 на крајот на календарската година.

– Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче имаат подготвено план за проширување на болничките капацитети во 16 градови со формирање ковид-болници за сместување, дијагностика и тријажа на пациенти со ковид-19 со цел целосно да се одвојат од останатите пациенти. Направивме план со формирање на 16 болници, две ковид болници, што е слично со болницата, што ја имаме до Инфективна клиника, во кои ќе имаме сместувачки капацитети, дијагностички капацитети и капацитети за надзор и тријажа, со цел да не влезе пациент во Клинички центар болен со ковид-19, рече д-р Караџовски.