Што кажа Аки во последното интервју за весникот ВЕЧЕР, месец дена пред смртта?

961

Ова е последното интервју кое со легендарниот Аки Рахимовски е направено за македонските медиуми. Интервјуто е дадено за весникот ВЕЧЕР на 17 декември минатата година.

Интервјуто ви го реобјавуваме во целост.

Тој не може да мирува, да биде пензионер. 50 години го работи тоа што го сака, така што не знае што би можел да создава нешто друго подобро од музиката.

– Никогаш не сум ни размислувал да се пензионирам, да седам на некоја клупа во парк. Не е тој спорт за мене!

Фото. Youtube

Дали уште паметите дека пејачот на популарната група „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, во април 2018 година доживеа мал мозочен удар? За среќа човекот остана жив, така што сега е сè во ред. Заедно со другарите од групата по закрепувањето се врати на естрадната сцена. Тој не може да мирува, да биде пензионер. 50 години го работи тоа што го сака, така што не знае што би можел да создава нешто друго подобро од музиката.

Никогаш не сум ни размислувал да се пензионирам, да седам на некоја клупа во парк. Не е тој спорт за мене, хахахаа….вели шегобијно на свој начин популарниот пејач за весникот ВЕЧЕР.

Тој деновиве со “Парни ваљак“ во ова време на празнично расположение почнува со голема турнеја, најпрво низ Хрватска, а потоа и во останатите Републики на поранешна Југославија. На тој начин Аки работно со групата ќе прослават 46 години постоење и ќе ја потврдат титулата најдолговечен и концертно најсилен ексјугословенски рок-бенд на сите времиња.

Тоа беше и најголемата причина поради која го побаравме за овој кус муабет за весникот ВЕЧЕР. Во овие студени зимски денови го наоѓаме во неговиот топол дом во Ново Место во Словенија. – Јас не мирувам, активен сум, немам јас време за тоа да седам со скрстени раце. Снимивме нова песна со „Парни ваљак“, а ќе почне премиерно да се врти сега пред Нова година. Потоа ќе снимиме и спот за неа, ни раскажува Аки. Мојот вокал е снимен во Ново Место, а другите момци од бендот сето тоа го отсвирија и измиксаа во Загреб.

Фото. Youtube

Како си сега со здравјето?

-Моментално правам уште некои мали медицински испитувања, а пред тоа бев на посебен третман во Унгарија поради болките во грбот. Сега немам болки, потребни ми се само неколку терапии во бањата. Се надевам дека до Нова година ќе бидам „фит“.

Каде за Новата 2022 година, за новогодишната ноќ?

-Со огледа на пандемијата која и понатаму трае, за оваа Нова година јас и бендот не свириме никаде. Така што јас ќе ја дочекам со моите најблиски, семејно, фамилијарно. Единствена позитивна работа од целата пандемија е што сме често заедно со најмилите со кои инаку во текот на годината не сме ниту трипати.

Дали планираш наскоро да доаѓаш во твоето Скопје?

-О, да, да и тоа сега некаде околу 5 јануари ќе бидам во Скопје. Да се видам со своите роднини, а пред сè со мајка ми. Секако и со своите пријатели да си ја прославиме стара Нова година, а воедно сите да си посакаме оваа луда пандемија конечно да ја снема.

Аки ни вели дека после прележаните здравствени проблеми ги променил животните навики. Се откажал од омилената храна која докторот му ја забранил и сега се храни со полесна храна, најчесто е тоа од медитеранската кујна која е лесна и здрава за секој организам. Кафе, цигари, какао и зачинетата храна, сега му се минато.

Љубчо Алексовски