Што има во економскиот дел од Извештајто на ЕК: Македонија не исполнила дел од ланските препораки, но има одреден напредок

251

ПН: Народна банка да добие целосна независност, да се воспостави независен фискален совет, домаќинствата и компаниите да добиваат соодветна поддршка додека трае закрепнувањето од ковид-19, да зајакне капацитетот на Агенцијата за вработување, да зајакнат мерките за формализирање на неформалната економија, трудовиот инспекторат да се засили во делот на безбедност на работа, се дел од старо-новите препораки на ЕК

 

Измена на законот за државна служба за да ѝ се даде целосна независност на Народната банка, усвојување на новиот закон за буџети кој вклучува фискални правила, воспоставување независен фискален совет, како и воведување соодветна сеопфатна среднорочна буџетска рамка и обезбедување поддршка на домаќинствата и компаниите преку добро насочени, транспарентни и ефикасни фискални мерки додека трае закрепнувањето по ковид-19, а потоа повторно фокусирање на изградба на фискални правила и намалување на долгот.

Ова се трите препораки на Европската комисија од областа на економската и монетарната политика кои Македонија не ги исполнила, па повторно ѝ ги дава во новиот, деновиве објавен Извештај за напредокот. Во таа област, како и во останатите, ЕК оценува дека  земјата останува умерено подготвена.

-Постигнат е одреден напредок по поднесувањето на законот за буџет до Собранието, вклучително и одредба за фискално правило. Мерките за спречување на социо-економското влијание од ковид-19 беа успешно спроведени, стои во извештајот.

Извештајот нотира дека кај монетарната политика усогласувањето на правната рамка на земјата со правото на ЕУ е во напредна фаза, но не е постигнат напредок во понатамошното усогласување на законодавството за целосно обезбедување финансиска и институционална независност на Народната банка.

-Целосно независна институција, ослободена од мешање од други овластувања, е од витално значење за да се исполни улогата на централната банка како гарант за монетарната и финансиската стабилност. За време на кризата предизвикана од ковид-19, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност и да обезбеди значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите, наведува ЕК.

За економската политика се нотира дека нацрт-законот за буџет со кој се воведуваат фискални правила, независно тело за фискален надзор и среднорочна буџетска рамка, е во собраниска процедура.

Се проценува и дека земјата останува умерено подготвена и за воведување на европските стандарди за социјална политика и вработување, а одреден напредок се забележува во периодот на спроведувањето на голем број олеснителни социо-економски мерки за решавање на влијанието на ковид-19 и зголемување на износот на социјална помош.

-Имплементацијата на новиот Закон за социјална заштита доведе до мало намалување на стапката на сиромаштија, која останува загрижувачки висока, стои во извештајот.

Повторно се препорачува да продолжи имплементацијата на активни долгорочни мерки за ниско квалификувани невработени лица, да се подобри  капацитетот на Државниот инспекторат за труд за решавање прашања поврзани со безбедноста при работа и да продолжи помошта за сите ранливи групи. Во тој дел од Извештајот има забелешка за зголемување на стапката на неактивност на населението и тоа за еден процентен поен, до 29,5 отсто. Се препорачува зајакнување на капацитетот на Агенцијата за вработување.

Умерена подготвеност забележува ЕК и кај претприемачка и индустриска политика, каде што одреден напредок констатира во зголемувањето на финансиската поддршка за компаниите. И тука се препорачува да се имплементираат ланските нереализирани препораки:  консолидирање на институционалната структура и мандатите на јавните тела и да се развијат мерки за зголемување на капацитетот на домашните компании да се интегрираат во глобалните синџири.

-Стратешката визија за привлекување странски инвестиции, за поддршка на иновации и извоз е нејасна, стои во Извештајот, но за шесте пакети антикризни мерки од околу 1,2 милијарди евра се наведува дека соодветно им помогнале на компаниите.

Им забелешка и дека треба да зајакнат мерките за формализирање на неформалната економија.

И во делот на имплементација на земјоделските политики ја има констатацијата за умерена подготвеност.  Добро ниво на подготовка, според авторите на Извештајот има во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, додека во рибарството, регионалната политика, координацијата на структурните инструменти и финансиските и буџетските одредби нема напредок или е ограничен. Во делот на безбедноста на храната и ветеринарната политика каде што е евидентирана добра подготовка, се сугерира да се зајакнат капацитетите за собирање податоци, верификација и анализа.