Штип седми ден е со загаден воздух

55

Штип веќе седми ден е меѓу градовите со загаден воздух, покажуваат мерните станици на лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски кој воедно ја раководи и лабараторијата АМБИКОН, за МИА вели дека во Штип вчера бил најзагаден воздухот, мерните станици покажале трипати поголемо загадување, односно измерени се 171 микрограм ПМ честички, додека утринава 108 микрограми ПМ честички.

– Зголеменото загадување со субстендирани честички е опасно за сите категории на граѓани. Штип ретко е меѓу загадените и деновиве максимумот е 150 до 171 дневната вредност измерена и тоа е многу над дозволеното. Граѓаните треба да внимаваат и согласно препораките на здравствените власти, а особено луѓето коишто се поосетливи на респиратни заболувања, повозрасните, децата, да се ограничи движењето во овие временски услови – вели Мираковски.

Штип досега имаше најчист воздух во земјава, но веќе една недела е тивко, го нема ветерот и намалена е и видливоста заради густата магла, која не е карактеристична за овој град. Мираковски потенцира дека греењето на дрво на домаќинствата, кои поради енергетската криза во поголем број се вратија на овој начин на затоплување на своите домови е причината за зголеменото загадување на воздухот.

– Сите градови покажуваат кога е стабилна атмосферата екстремни пикови на загадување, што значи имаме многу повеќе емисии, отколку што сме имале минатата година и дефинтивно причина е енергетската криза, односно промената на горивата, коешто го користи населението – вели Мираковски.