Штипските гитаристи му го честитаа роденденот на Влатко Стефановски со култната „Чукни во дрво“

94

Педесетина штипски гитаристи и фанови на нашиот познат гитарист Влатко Стефановски на возраст од 7 до 77 години, се собраа во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, со цел сите заедно да ја изведат неговата култна песна „Чукни во дрво“ и на ваков необичен начин да му го честитаат роденденот.

Стефановски е роден во Прилеп, на 24 јануари 1957 година, во типично театарско семејство. Неговите родители биле уметници, често патувале, па така набрзо тој се преселил со нив во Скопје, каде што со другарите ја формирал групата „Леб и сол“.  Во Скопје, останува да живее во населбата Тафталиџе. За време на дваесетгодишното постоење, групата „Леб и сол“ сними 12 албуми со Влатко, една двојна компилација и музика за различни намени. Како член на „Леб и сол“, тој ги создаде незаборавните песни: „Нисам твој“, „Таласна дужина“, „Кумова Слама“, „Жива рана“, „Кантри“, „Као какао“, „Скопје има микроклима“, „Чекам кишу“ и, веројатно, најпопуларната песна „Чукни во дрво“.

Иницијатор за ваквата роденденска честитка беше познатиот гитарист од Штип, Ивица Јорданов, кој, инаку, е член на групите „Морал“ и „Тајфата“.
Инаку, по повод роденденот на Влатко, во продажба е неговиот нов албум „Golemite Hitovi”. Всушност, тоа е колекција составена од неговите најголеми музички хитови, во издание на „Кроација рекордс“.

– Пресекот на исклучително успешната соло-кариера на еден од најголемите гитаристи на нашите простори веќе е достапен на „Големите хитови“, во издание на „Кроација рекордс“. Темата „Cowboys & Indians “ од истоимениот студиски албум од 1994 година ја отвора компилацијата, по која одат „Кандилце“ и „Сараево“ со еден од најголемите хитови на Влатко, песната „Џипси сонг“, а потоа следуваат „Калајџиско оро“, „Влатково оро“ и „Глуво доба“ од албумот „Влатко Стефановски трио“.

Освен наведеното, изданието вклучува и песни од албумите „Кула од карти“,„Thunder From the Blue Sky“ и „Сеир“, а неизбежен дел од наследството на Стефановски се и песните „Бистра вода“ и „Успаванка за Радмилу М.” од незаборавниот акустичен албум „Мајчин јазик“. Компилацијата завршува со „Funky Junkie“ и „Огледало“ од актуелното студиско издание „Taftalidze Shuffle“….. (Д.М.)