Штетната страна на интернетот: Лажните вести поопасни од самиот вирус

107

Лажните информации за вирусот корона го преплавија интернетот, па експертите предлагаат воведување на филтрирање на информации или „информациска хигиена“, пренесува Би-би-си

Како прво, луѓето се повикуваат да почекаат и да размислуваат за веста пред да почнат да пренесуваат информации до своето семејство или пријатели. Ако се сомневаат дека информациите се лажни, прво треба да го проверат изворот на веста. Ако изворот е „пријател на пријател“ или „пријател на соседот на баба ми“, веста треба да се филтрира.

Обично постои вистина и во лажните вести, на пример совети да ги миете рацете или да носите заштитна маска кога одите во аптека, но кога станува збор за упатствата за дијагностицирање на болести што следуваат, тие можат да бидат штетни и опасни.

„Најсигурни извори на информации се јавните здравствени установи“, рече Клер Милни, заменик-главен уредник на британскиот „Фул факт“. „Експертите не се непогрешливи, но тие се посигурен извор од роднините на некој непознат корисник на Фејсбук“, вели Клер Милни. Честопати на интернет се појавуваат монтирани фотографии или видеа кои немаат допирни точки со вистината, напротив, тие се појавуваат како илустрација на лажни вести.

Затоа вестите за кои само проценуваме дека „би можеле да бидат точни“, не треба да се шират на интернет. Особено, треба да контролираме вести кои предизвикуваат силни емоционални реакции, како што се страв, лутина, вознемиреност или радост, бидејќи тие произведуваат побрзо и некритичко прифаќање на упатства или совети, кои во повеќето случаи не се целосно или дури и воопшто точни.

Карл Милер, директор на Центарот за анализи на социјалните медиуми, нè потсетува дека најчесто споделуваме мислења за да ги зајакнеме нашите верувања. „Затоа, пред сè, треба да го забавиме протокот на сè што доаѓа до нас преку интернет“, апелира Милер, пренесува Би-би-си.

И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна предупреди за зголемениот број лажни вести кои кружат за заразата со ковид-19. Таа предупреди дека цената на дезинформацијата во овој случај може да биде животот на граѓаните.

Таа процени дека тоа се должи на сегашната неизвесност, вознемиреност и брзите променливи вести за пандемијата. „Верувајте им на вашите здравствени власти, Светската здравствена организација, реномирани медиуми кои секогаш го базираат своето известување на точни информации. Оние што шират дезинформации можат да ви наштетат и да ве чини живот“, заклучи Урсула фон де Лајен.