Шпигел: Бугарија го злоупотребува ветото за сопствени националистички кампањи

124

Бугарија наметнува еден нов преседан во политиката на проширување на ЕУ- таа го користи своето гледиште на историјата на гротескен начин како политичко средство против соседна земја, пишува германскиот магазин Шпигел, пренесе Дојче веле на македонски јазик.

„Некои националисти си ги присвојуваат како Грци што зборуваат словенски. Други како јужни Срби или западни Бугари. Во својата кратка историја, на Македонците никогаш не им било лесно да бидат признаени како посебна нација со сопствен јазик. До денес, Македонија е оспорувана од своите соседи Бугарија, Грција и Србија како „конструкт“ и „вештачка нација““, пишува германскиот магазин Шпигел во анализата посветена на бугарското вето на Северна Македонија во ЕУ.

„Тоа дека „македонското прашање“- едно од клучните во историјата на Балканот е се уште многу оддалечено од тоа да биде истражувано само од историчарите- деновиве го покажува бугарската влада. Таа бара од соседната Северна Македонија официјално да соопшти дека македонската нација има бугарски корени и дека јазикот во земјата- македонскиот, е западно-бугарски дијалект. Се додека македонската влада тоа не го прифати, Бугарија нема да дозволи земјата да започне преговори со ЕУ.

По ветото на Унгарија и Полска на буџетот на ЕУ, бугарската блокада на Северна Македонија предизвикува уште една криза во ЕУ. Бугарија наметнува еден нов преседан во политиката на проширување на Брисел- таа го користи своето гледиште на историјата на гротескен начин како политичко средство против соседна земја.

Притоа се работи за многу повеќе од двомилионската Северна Македонија, која одамна ги исполни сите технички предуслови за да започне преговори за членство во ЕУ. Се работи за тоа, како владите на некои ЕУ членки го злоупотребуваат правото на вето за сопствени националистички внатрешно-политички кампањи. Со тоа многу и наштетуваат на веродостојноста на ЕУ во нејзиниот најважен соседен регион- Западниот Балкан.

Во разговор за Шпигел, македонскиот премиер Зоран Заев го нарекува бугарското вето „апсурдно и смешно“.

„Во изминативе години сторивме многу, за да направиме добар напредок на нашиот евроинтегративен пат. Покажавме дека можеме да се однесуваме европски“, вели Заев.

Тој ѝ префрла на Бугарија дека на „неевропски начин поставува барања кои се однесуваат на нашиот идентитет и нашето достоинство како нација“.

Заев за Шпигел вели дека причините за ветото се внатрешно-политички.

Притоа, наведува Шпигел, веројатно се алудира на повеќемесечните анти-корупциски протести против десноконзервативната и националистичка коалициска влада на премиерот Бојко Борисов, како и на претстојните парламентарни избори во март следната година. На Борисов му е потребна корисна тема со која може да го одвлече вниманието од неговиот корумпиран систем, пишува Шпигел.

Магазинот предупредува дека доколку Северна Македонија ја загуби европската перспектива, како во многу други случаи низ историјата на Балканот, радикалниот национализам може да ја втурне земјата кон насилство.

Пендаровски: Никаде во Договорот не се вели дека треба да дебатираме за етничкото потекло и јазикот