Коалициската влада на Шпанија планира привремено зголемување на даночната стапка за еден процент од најбогатите во земјата од следната година, покрај вонредните даноци за големите енергетски компании и банки.

– Предлагаме прераспределба на напорите, меѓу оние кои имаат најмногу, за  финансирање на социјалната држава, која им припаѓа на сите – изјави социјалистичкиот премиер Педро Санчез, пренесува Срна.

Министерката за финансии Марија Хесус Монтеро вели дека мерката е наменета само за милионерите. Очекуваното зголемување на даночните приходи ќе се искористи за ублажување на тешкотиите предизвикани од повисоките цени на енергијата и храната.

Годишната стапка на инфлација во Шпанија се искачи на 10,5 отсто минатиот месец, наведува АП.

Владата соопшти дека се уште се утврдува прецизното зголемување и обемот на даночните мерки. Коалициониот партнер Унидас подемос се обидува да го задржи новиот данок како трајна, а не привремена мерка.