Шмит утре ќе се обрати во Парламентот на БиХ, претставниците на Република Српска најавија бојкот

45

Претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, Дениз Звиздиќ, соопшти дека утре пред пратениците на тоа тело ќе се обрати високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит, кој ќе ги претстави своите ставови за актуелната политичка ситуација и стратегијата на дејстување.

По седницата на Колегиумот на Претставничкиот дом, на која не присуствуваа претставници од Република Српска, Звиздиќ изјави дека не се знае дали тие ќе се појават на утрешната седница, пренесува Бета.

– Нивно право и обврска е да присуствуваат на седниците на Претставничкиот дом, за што добиваат највисоки плати во БиХ, рече Звиздиќ.

Пратениците од Претставничкиот дом од РС претходно најавија дека нема да присуствуваат на седницата на која ќе зборува Шмит.

Претставниците на владејачката коалиција во Република Српска не го признаваат Шмит за нов висок претставник, бидејќи неговото назначување не е потврдено од Советот за безбедност на ОН.

Ниту опозицијата од тој ентитет не учествува во работата на Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ и наведува дека тоа е поради одлуките на Народното собрание на РС, донесени по наметнувањето на законот за забрана на негирање на геноцидот. .

Тогаш беше одлучено претставниците на РС да не учествуваат во работата на државните институции, пред се на Претседателството, Советот на министри и Парламентот на БиХ.