Шилегов сонува за канцеларија на плоштад „Македонија„

318

– Таков е стандардот насекаде во светот. Зошто Мијалков не го изгради хотелот „Мериот“ каде што сега е изградена градската куќа, а градската куќа да беше изградена на местото на хотелот. Ми е криво што не се искористија неколку локации во центарот за да се направи репрезентативен објект. Нели ќе беше подобро на пример, на местото на „Лумикс“ овде да беше Градската куќа-истакна градоначалникот Шилегов

 

На скопскиот градоначалник Петре Шилегов му се допаѓа идејата градската куќа да се наоѓа на самиот Градски плоштад. Тој тоа го обелодени денеска одговарајќи на новинарски прашања.

– Таков е стандардот насекаде во светот. Зошто Мијалков не го изгради хотелот „Мериот“ каде што сега е изградена градската куќа, а градската куќа да беше изградена на местото на хотелот – истакна градоначалникот Шилегов.

Прашан зошто тогаш и бараките каде што сега е сместена градската администрација се настрана, не се во строгиот центар, тој истакна дека уште кога се поставувале по земјотресот во 1965 година, локацијата била дефинирана како привремена.

– Ми е криво што не се искористија неколку локации во центарот за да се направи репрезентативен објект. Нели ќе беше подобро на пример, на местото на „Лумикс“ овде да беше Градската куќа – изјави Шилегов.

Тој информираше дека вчера доставил писмен допис до сите советнички групи да предложат претставник за Комисијата која ќе биде одговорна за продажбата на градската куќа.

– Тие имаат рок до крајот на неделата да го направат тоа за да може да почне да се реализира процесот на продажбата – најави Шилегов.

Тој изрази жалење што опозицијата одбила да ги чуе аргументите изнесени на последната седница на Советот на Град Скопје за продажбата на градската куќа.

– Позицијата пласира еднострано аргументи на прес-конференции, требаше да се соочиме на седницата, а не да ја напуштат. Јас сум подготвен да се соочиме, но да дебатираме заедно. Местото на споделување на аргументите е Советот. Јас сум подготвен со аргументи да им ги побијам сите адути – дециден е Шилегов.

Тој уште еднаш повтори дека со овој процес на продажба на градската куќа нема да се оштети буџетот на Градот со ниту еден денар и дека Градот нема што да сокрие од овој процес.

– Сè ќе биде јавно и транспарентно – уверува Шилегов.  

За отуѓување на објектот по почетна цена од 785.031.818 денари (12,8 милиони денари). Оваа сума практично ќе биде почетна цена за наддавање на заинтересираните купувачи, односно тоа е сумата за која е изградена „Градската куќа“. Извештајот за проценката на вредноста на објектот ја направиле од лиценцираниот правен субјект „ABC Brother“ од Скопје.

Причината поради која од Град Скопје одлучија  да го продадат објектот е недоволниот капацитет на внатрешните простории во кои е потребно да се смести градската администрација.

– Објектот е фрлен настрана од инфраструктурата. До него е многу тешко да се пристапи. Градот треба да се наоѓа на посоодветна локација. Ние тежнееме кон тоа да сме поблизу до граѓаните. А и самите вработени во градската администрација се најголеми поддржувачи на тоа дека локацијата е несоодветна -објасни Шилегов на седницата на Советот на град Скопје што се одржа во четвртокот.

(А.П.)