Шилегов: Скопје е град за сите и сите имаат право на поквалитетен живот

136

-Одбележувањето на овој ден е добра можност да се потсетиме дека Град Скопје во изминатиов период беше многу активен на полето на социјалната заштита. Во рамките на редовните активности продолживме и ја унапредивме долгогодишната поддршка на Дневните центри кои работат со различна категорија на лица со попреченост како што се „Во мојот свет“, „Креатива Исток“, „Порака“ и уште неколку други. Продолживме и со бесплатниот јавен градски превоз и паркинг услуги за лица со попречености, како и со финансиската поддршка на патувања низ земјата за здруженија на лица со попречености – изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов, на панел дискусијата под наслов „Рампа“ што се одржа во Музејот на Град Скопје, во организација на граѓанската асоцијација „Цивил“, посветена на (не) прифатеноста на лицата со посебни потреби во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво.

Шилегов истакна дека во текот на изминатите  две години Градот Скопје, освен редовните активности,  реализира и многу нови активности во насока на подобрување на квалитетот на живот на лицата со попречености.

-Посветено работиме да им помогнеме на овие наши сограѓани, па така за прв пат ангажиравме образовни асистенти за средношколците со посебни образовни потреби, обезбедивме стипендии за средношколците со попречености. Исто така,  речиси во сите средни училишта каде што имаше можност обележавме паркинг за лицата со попреченост. На лицата со аутистичен спектар на однесување им овозможивме бесплатно користење на јавниот градски превоз. Тоа значи дека листата на корисници на повластен јавен градски превоз за лица со попречености се прошири дополнително и за лица со аутистичен спектар на однесување имајќи предвид дека се бележи пораст на оваа категорија на граѓани, особено кај младата популација – потенцираше Шилегов.

Тој додаде дека Градот Скопје се приклучи на активностите на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација.

-Во таа насока Градот го поддржува малиот групен дом во Скопје во кој се сместени лица од Заводот во Демир Капија. Преку Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори обезбедува 24 часовна грижа од негуватели за лицата сместени во домот. Исто така, обезбедивме и помош и нега во домашни услови  за лица со најтежок облик на интелектуална попреченост и комбинирани пречки од стручен тим составен од лекар специјалист по семејна медицина, медицинска сестра, физиотерапевт, социјален работник, психолог, дефектолог и негуватели.  Овозможивме помагатели на ранливи целни групи меѓу кои се и лицата со попреченост. Во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје оваа година ангажиравме 12 помагатели да работат со 25 корисници од Скопје давајќи  им ја негата и грижата која им е потребна. Финансиски го поддржавме отворањето на Дневниот центар за Даунов синдром и обезбедивме персонални асистенти кои работат со корисниците во домот- наброја Шилегов.

Тој најави дека е во завршна фаза од изработка е и инклузивно игралиште во Бутел, кое треба да биде завршено овие денови, а паралелно се работи на инклузивно игралиште и во Карпош.

-Исто така, во завршна фаза на административните процедури е и проектот за отворање сензорна соба во градинката „11 Октомври“, во Радишани-вели Шилегов.

Тој додаде дека тргнувајќи од фактот дека Скопје е град за сите и сите имаме право на поквалитетен живот во средината во која живееме, Град Скопје во изминативе две години набави три нови возила за лица со попреченост, а во Детскиот културен центар Карпош постави платформа за лица со попреченост со што се олеснува самостојно движење на лицата низ институцијата и во повеќе средни училишта се направени тоалети за лицата со попречености.

Во дискусијата учествуваа и Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Џабир Дерала од „Цивил“.