Шилегов: Сарај се развива во чекор со сите други скопски општини

36

Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов вечерва одржа средба со граѓаните од повеќе населени места во Општина Сарај, на која говореше за она што досега е сработено во оваа општина, како и за тоа што се очекува во новиот мандат.

Шилегов истакна дека биле инвестирани 50 милиони денари во одржување и реконструкција на уличната мрежа во населените места Глумово, Кондово, Љубин, Крушопек, Сарај и Рашче заедно со реконструкцијата на автобуски постојки во Свиларе и Рашче преку ЈП „Улици и патишта“.

-Инвестиравме во подобрување на водоводната и канализациската мрежа во висина од пет милиони денари. Го реконструиравме средното училиште Сарај, а дополнително ја опремивме и новата спортска сала на ова училиште, кажа Шилегов.

Тој посочи дека изградбата на европско, урбано и зелено Скопје мора да продолжи. – Драги скопјанки и скопјани, Вие граѓаните сте силата на овој град, и само вие одлучувате во каков град ќе живеете. Иднината на Скопје е во ваши раце. Да се обединиме затоа што развојот на Скопје не смее да запре, рече Шилегов.