Шилегов: Нема место за паника, Градот е подготвен да го заштити населението од корона вирусот

205

-Во таа насока, од пред една недела се преземени мерки за заштита на нашите ученици и ширење на корона вирусот во училиштата. Кога се појави вирусот Градот направи набавка на антибактеристи сапуни, а пред една недела кога вирусот дојде во Европа, тие сапуни ги ставивме на употреба во училиштата. Во 23 средни училишта во Град Скопје учат 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува одговорност за нас како надлежна институција и директорите на училиштата-изјави првиот човек на Градот, Петре Шилегов 

 

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска апелираше дека нема место за паника и дека Градот е подготвен да го заштити населението и да се справи со корона вирусот. При тоа, повика на трезвено однесување и од страна на институциите, но и од граѓаните.

-Град Скопје согласно своите надлежности е целосно подготвен да ги превземе сите неопходни мерки со цел да се спречи понатамошно ширење на корона вирусот. Во таа насока, од пред една недела се преземени мерки за заштита на нашите ученици и ширење на корона вирусот во училиштата. Кога се појави вирусот Градот направи набавка на антибактеристи сапуни, а пред една недела кога вирусот дојде во Европа, тие сапуни ги ставивме на употреба во училиштата. Во 23 средни училишта во Град Скопје учат 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува одговорност за нас како надлежна институција и директорите на училиштата-изјави Шилегов.

Тој најави дека училиштата добиле задолжение своите планирани патувања, екскурзии во Република Италија да ги откажат или да ги одложат на неопределено време. Освен тоа, до крајот на оваа недела ќе биде одржан едукативен час за превенција од вирусот, во согласност со препораките на Светската здравствена организација и Владата.

Исто така, издадена е наредба до директорите на средните училишта внимателно да ги следат и да се придржуваат на препораките за превенција и справување со корона вирусот, кој што ги даваат надлежните институции, училишните раководства веднаш да ги откажат или одложат планираните екскурзии во другите земји каде е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот, а за сите дополнителни патувања и екскурзии да прават дополнителни проценки.

Покрај тоа, училишните раководства треба веднаш да отпочнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за нивно информирање, превенција и справување со корона вирусот, за што Градот Скопје ќе ја обезбеди потребната логистичка поддршка и координација со релевантните институции во државата.

Исто така, училишните раководства се задолжуваат да ја одржуваат хигиената  на највисоко ниво применувајќи ги сите санитарно-хигиенски средства и активности што им стојат на располагање.

Шилегов информираше дека Градот веќе има обезбедено доволни количини на антибактериски сапуни за училиштата и додаде дека како основач и надлежна институција за училиштата, непрекинато и одблизу ќе ја следи состојбата и ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на здравјето на учениците и на сите членови на училишните заедници.

(А.П.)