Шилегов: Мостот не е во барок, коритото на Вардар чисто и проточно

201

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов на својата фејсбук-страница објави фотографии од кои се гледа дека од коритото на реката Вардар во централното подрачје се отстранети фундаментите кои требаше да послужат за поставување на панорамското тркало предвидено со проектот „Скопје 2014“.

Како што пишува Шилегов се отвора уште еден мост кој не е барок.

-Тргнати фундаментите за панорамското тркало. Мостот не е во барок. Коритото на Вардар чисто и проточно – вели Шилегов.

Тој и претходно најави дека панорамското тркало нема да се изгради, но дека ќе се зачува мостот кој ќе биде наменет за пешаците.

Според новиот проект за мостот, тој нема да има елементи на барок, а на него ќе биде поставена проѕирна ограда за да може да се гледа Камениот мост.

Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014 година. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“ изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.

(А.П.)