Шилегов им се закани на дипломатите

145

Град Скопје нема да толерира непрописно паркирање, а ова важи и за дипломатските возила. Па, така е можно возило на некој амбасадор да биде „фатено во пајаковата мрежа“, ако е паркирано на непрописно место.

– Ги информиравме сите претставништва на странски држави во нашата земја дека своите службени возила треба да ги паркираат исклучиво на предвидените паркинг-места во градот, а во спротивно, возилата со дипломатски таблички ќе имаат ист третман од ЈП „Градски паркинг“ како и сите други непрописно паркирани возила – велат од Град Скопје.

Во изминатиов период, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов неколкупати писмено се обраќал до амбасадите кои не ги почитуваат прописите за паркирање со потсетување дека своите службени возила треба да ги паркираат на површини означени како паркиралишта.

– Контролорите на ЈП „Градски паркинг“ секојдневно се соочуваат со непрописно паркирани возила со дипломатски таблички. Град Скопје стои на ставот дека законите треба да важат за сите, а и во Виенската конвенција за дипломатски односи се наведува дека дипломатските претставници треба да ги почитуваат локалните закони и прописи. Дипломатските возила треба да бидат уредно паркирани и притоа да не ја загрозуваат безбедноста на другите учесници во сообраќајот, ниту да го попречуваат движењето на пешаците и  на велосипедистите – потенцираат од градот.