Шилегов за одржување на градските часовници планира да искешира 40 илјади евра

124

Град Скопје распиша јавна набавка за одржување на јавно осветлување и градски часовници. Како што информираат од Градот, во претходните години ова беа паралелни јавни набавки, каде посебно се распишуваа тендери за повеќе услуги.

– Годинава се распишува за заедничка услуга, но истата (јавната набавка) е деллива, каде еден оператор може да аплицира за еден или сите делови од истата – објаснуваат градските власти.

Овој јавен повик има 3 дела: одржување на други објекти (улично и булеварско осветлување), јавно осветлување и осветлување на градски објекти (централно градско подрачје, мостови, Кале)…, како и одржување на градски часовници.

Проценетата јавна набавка изнесува околу 70 милиони денари, а финалната цена ќе се одреди преку е-аукција. Проценетата вредност само на одржувањето на градските часовници е околу 2,4 милиони денари (40.000 евра) без ДДВ, одржувањето на други објекти е околу 3,8 милиони денари без ДДВ, а делот за јавно осветлување и осветлување на градски објекти е проценета на околу 53 милиони денари без ДДВ.

Градските власти велат дека тековно ги одржува уличните часовници и дека тие редовно се сервисираат доколку покажат некаков дефект во работењето.

– Покрај одржувањето се врши и корекција при сезонските менувања на сметањето на времето. Екипите задолжени за нивно одржување редовно ги следат и доколку има потреба ги сервисираат – потенцираат од Градот.

Во моментов има 16 градски часовници поставени на градските булевари. Од Градот велат дека од аспект на дефекти често имаат случаи и на намерно уништување на урбаната опрема и останатите материјални добра на Град Скопје, каде честа мета се штети на зелените површини, инсталациите за наводнување, столбови за осветлување, директна кражба на расадите, палење на контејнери, оштетување на сообраќајните знаци…

(А.П.)