Шилегов: Загадувањето не исчезнува преку ноќ, Град Скопје презеде 39 мерки! 

314

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов смета дека ад хок решенијата за намалување на загадувањето се погрешни.

– Решението треба да биде темелно за да ги даде посакуваните резултати. За овие две години Градот има превземено 39 нови мерки против загадувањето што ги немала ниту една претходна градска власт, меѓу кои три најголеми: затоплувањето на домовите, јавниот транспорт и инспекцискиот надзор над индустриските капацитети. Почнуваме со имплементација на овие стратегии. Загадувањето не исчезнува преку ноќ, туку со постепено намалување на вредностите  – изјави Шилегов.

Тој вели дека не бега од проблемот и смета дека не постои некој што загадува.

– Загадуваат сите и сите мора да бидеме дел од решавањето на проблемот. Градот сериозно го подобрува капацитетот на инспекцискиот надзор и е договорено здружување на инспекциските служби на Градот и на општините за поефикасно дејствување, за што се подготвуваат измени во Правилникот за комунален ред, кој ќе бидат усвоени на седница на Советот на Град Скопје во ноември – потенцираше Шилегов.

Тој истакна дека доцни Законот за комунална полиција кое е едно од решенијата кое ќе помогне околу намалување на загадувањето. Освен тоа, првиот човек на градот смета дека и граѓаните треба да сменат дел од нивните навики. А, воедно дека и воведувањето на гасот ќе помогне да се намали загаденоста на воздухот.

– Со добивање на лиценца, Градското претпријатие „Градски енергетски системи“, ќе биде поинаку. Жално е што градот е покриен само 32 проценти со топловодна мрежа, како резултат на негрижата на претходните градски власти. Топловодната мрежа беше уништена и беше дадена на партнер кој не водеше никаква грижа за неа – нагласи Шилегов.

Тој додаде дека се потребни 30 милиони евра за Градот да ја развие топловодната мрежа.

Како една од мерките против загадувањето тој ја напомена и акцијата за бесплатно собирање на растителниот отпад од нивите, за да не се палат стрништата, а до крајот на годинава ќе пристигнат и автобусите на гас.

Шилегов смета дека е грешка ако проблемот на загадувањето се решава само во рамките на административните граници на Град Скопје, туку тоа треба да се прави во рамките на целата Скопска котлина, каде спаѓаат и други општини како што се Чучер Сандево, Арачиново и други, во рамките на кои според скопскиот градоначалник живеат 20.000 домаќинства.

– Градот Скопје е подготвен да им помогне и на тие општини, но за жал ниту еден од градоначалниците не се обрати – дециден е Шилегов.

Тој додаде дека ако во наредните 10 години не се решава загадувањето, вредностите на загадувањето ќе се зголемат за 10 пати.

Но, сепак, Шилегов вели дека има место за оптимизам, иако тоа нема да биде лесно и да се случи преку ноќ.

(А.П.)