Шилегов е за реставрација на постојната Универзална сала и изградба на нова мултимедијална сала на нова локација

85

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска на брифингот за новинари се изјасни дека Градот ќе ја реставритра Универзалната сала , а на нова локација ќе се гради нова мултимедијална сала.

Тој  ги презентираше трите опции кои му стојат на градот околу реновирањето и изградба на новата Универзална сала.

 

– „Првата опција е да се гради нова сала на постојната локација, втората на нова локација и последната за реставрација на постојната и изградба на нова мултимедијална сала на нова локација. Јас лично би сакал да се реализира третата опција. Со тоа, Универзална во постојната големина би останала, а Скопје би добил нов објект во кој би биле сместени и други културни институции како Театарот за деца и млади, Танец, а би имало и конгресен центар. Јас овие идеи ги отворам, за нив да се произнесе и Владата, стручната јавност но и граѓаните. Ако треба, ќе имаме и референдум за ова прашање“-изјави Шилегов.

Тој истакна дека проектот од неговиот претходник Коце Трајановски за реконструкција кој се пласира во јавноста, значи уривање на Универзалната сала и изградба на нов објект со поголем габарит и чини 17 милиони евра. Мислењето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) е дека на таа локација не смее да се гради поголем објект од постојниот.

Шилегов потенцираше дека пари за овој капитален проект ќе бара од Владата. Според првичните пресметки, изградба на нова сала, на нова локација и рестраврација на постојната би чинело 20 милиони евра. Досега, од буџетот на државата за овој проект на Град Скопје му се одобрени само пола милион евра.

-Ние не сме богат Град ниту богата држава. Затоа, треба да донесеме оптимално решение оти станува збор за објект кој ќе се користи во наредните 30 до 50 години. Доколку некој мисли дека со конкурсот за парк сакаме да надоместиме зеленило за планот за Буњаковец 2, јас сум подготвен сите постапки да бидат запрени додека се донесе ДУП-от“- истакна Шилегов.

Тој најави  дека Градот ќе распише конкурс и за реставрација на објектот Универзална сала и друг конкурс за концертна сала на нова локација.

Откако сите решенија ќе бидат направени ќе се претстават пред јавноста и ќе се одлучи која варијанта ќе се реализира.