Шилегов: Депонијата во Ново Село повторно ќе ја исчистиме, казни за оние што го злоупотребуваат просторот

485

Покрај Вардариште која секојдневно на диво се полни со ѓубре и градежен шут, во источниот дел на Скопје, поточно во Ново село повторно никнува голема депонија. Станува збор за депонија со површина колку 15 фудбалски игралишта која повторно се полни со отпад, откако во јануари годинава Град Скопје целосно ја исчисти.

Жители на Ново Село велат дека рампите се повторно отворени, а депонијата е поголема од било кога. Велат дека работата дошла дотаму што ветерот ѓубрето им го носи до пред врата. Минатата есен организираа големи протести, добија ветувања, ама, велат дека за жал не се реализираа.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов најави дека депонијата кај Ново Село повторно ќе ја исчисти градот, но овој пат физички ќе го одвојат пристапот со ископ на ров.

– Депонијата кај Ново Село е проблем стар повеќе од 20 години. Град Скопје во јануари влезе во целосно расчистување и беше исчистено ѓубрето и шутот. Недостатокот на инспекциски надзор од страна на општина Ѓорче Петров резултираше со повторно полнење на депонијата. Град Скопје повторно ќе ја исчисти, но сега на микролокација од поранешните 14 хектари. Физички со ров ќе го одвоиме пристапот до тоа место и идеата е потоа депонијата да се зазелени – истакна Шилегов одговарајќи на новинарско прашање на пуштањето на новиот центар за грижа на корисници на јП „Комунална хигиена“.  

Тој се закани дека ќе бидат казнети сите физички и правни лица што го злоупотребуваат тој простор.

(С.Бл.)