Шефот на украинската воена разузнавачка служба: Војната најверојатно ќе заврши до крајот на годината

759

Шефот на украинската воена разузнавачка служба, генерал-мајор Кирило Буданов изјави дека пресвртницата во војната со Русија ќе биде кон средината на август и дека војната најверојатно ќе биде завршена до крајот на годината.

Во интервјуто за Скај Њуз објавено денеска, Буданов рече дека „пресвртницата ќе биде во втората половина на август“ и дека „најактивните борбени операции ќе бидат завршени до крајот на оваа година“.

„Ќе ја вратиме украинската сила на сите наши територии што ги загубивме, вклучително и Донбас и Крим“, рече генерал-мајорот.

Во интервјуто, 36-годишниот шеф на украинската воена разузнавачка служба, кој претходно точно го предвиде почетокот на руската инвазија, изјави дека е „оптимист“ за војната во Украина.

Тој додаде дека загубата на Русија во војната ќе доведе до државен удар против рускиот претседател Владимир Путин.

Буданов тврди и дека претседателот Путин е „во многу лоша психичка и физичка состојба и дека е многу болен“.