Шефот на британската разузнавачка служба оценува: Путин игра покер, а не шах

157

Зошто рускиот претседател Владимир Путин не сака да ја остави Украина сама, можеби затоа што навистина не може, оцени поранешниот шеф на британската надворешна разузнавачка служба МИ6, Алекс Јангер и додаде дека Путин игра покер, а не шах.

Како што објави вечерва Гласот на Америка, Јангер изјави дека не гледа сценарио во кое Путин се повлекува, во ситуација кога расте стравот од руската инвазија на Украина.

„Не гледам како ќе се повлече, а во исто време ќе ги исполни очекувањата што си ги постави“, изјави Јангер во интервју за американската телевизиска мрежа ABC (ABC).

Тој оцени и дека Путин „игра покер, а не шах“, за да си создаде различни опции.

Претходно британските власти оценија дека внатре во Украина веќе има соработници на руската армија кои учествуваат во тековните акции во земјата.

Украинската безбедносна служба објави и дека во земјата има група саботери кои планираат напади во пограничните области, а со кои раководат руските специјални сили.

Пентагон претходно ја обвини Русија дека планира да организира напад врз жителите на Украина кои зборуваат руски, а потоа го користи како изговор за инвазија на Украина.

Русија негира дека планира инвазија на Украина, и покрај распоредувањето на повеќе од 100.000 војници долж границата.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Западот создава „хистерија“ и дека нема план да оди во Украина.

Сепак, како што растат тензиите во Источна Европа, западните аналитичари и дипломати стравуваат дека геополитичкиот конфликт ќе достигне точка каде што ќе биде невозможно да се избегне конфликт на теренот, а Путин се стави себеси во позиција во која нема враќање назад.

Путин се обидуваше да го зајакне влијанието на Русија во Источна Европа по Студената војна.

Клучен елемент на проектот е одржување на влијанието врз Украина и спречување на Киев да се приклучи на НАТО.