Шест полуподземни контејнери на улица „Никола Русински“

61

Жителите улицата „Никола Русински“, зад ТЦ „Лептокарија“ во Карпош, комуналниот отпад ќе можат да го одлагаат во шесте нови полуподземни контејнери. Станува збор за пилот-проект на Град Скопје што го промовираа градоначалниците Петре Шилегов и Стефан Богоев.

Два од контејнерите се со капацитет од 3 кубни метри, а четири се со капацитет од 5 кубици од реномираниот фински производител „Молок“ кој преку своите локални партнери покрена иницијатива за тестирање на овие контејнери во Скопје.

– Предноста на овој вид контејнери е што имаат поголем капацитет, мал надземен дел, побрзо се празнат и се со можност за заклучување, а имаат и поголем век на експлоатација – истакна Шилегов.

Пилот-проектот во неколку месечниот тест период опфаќа и можност за селектирање на отпад каде што граѓаните покрај селекцијата на комуналниот отпад ќе можат да селектираат и електронски и кабаст отпад.

– Ќе ги согледаме предностите и предизвиците од користењето на овие садови за отпад од домаќинствата, по што ќе бидат направени внимателни анализи за исплатливоста на инвестирањето во вакви контејнери барем за оние делови од градот каде што просторните услови тоа го дозволуваат – информираше Шилегов.

Тој додаде дека граѓаните веќе ги чувствуваат промените со новиот концепт на третманот на комуналниот отпад во Град Скопје преку почистите улици. Тој потсети дека во тек се повеќе активни кампањи за услугите за подигање на кабаст отпад и бесплатното подигање на стрништата и отпадот по берба.

Тој уште еднаш апелираше, граѓаните прописно да го фрлаат отпадот од домаќинствата, користејќи ги садовите исклучиво во согласност со нивната намена во времето од 19 до 22 часот навечер, во затворени пластични кеси, не оставајќи храна и облека надвор од контејнерите и слично.

-Епидемијата на корона вирусот нè потсети  дека мораме да се грижиме за личната хигиена, хигиената во нашите домови, но и надвор на ист начин, со цел сите заедно да ги користиме придобивките кои ги нуди живеењето во еколошки чистата животна средина – заклучи Шилегов.

 Фото: П.С.