Шестотини жители од населбата „Балканска“ конечно ќе пијат чиста вода

110

Жителите на штипската населба Балканска по 28 години конечно ќе добијат чиста вода за пиење. Досега, оваа населба со вода за пиење се снабдуваше од бунарите на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“.

Чиста вода за пиење ќе имаат 600 жители од населбата, а во првата фаза планирано е да се приклучат околу 200 жители. Вентилот за дистрибуција на водата свечено го пуштија штипскиот градоначалник Благој Бочварски и директорот на ЈП „Исар“, Живко Тасев.

– Во населбата  Балканска има нова реалност, граѓаните нема да купуваат флаширана вода за пиење и да користат техничка вода, бидејќи од денеска ќе пијат вода од градскиот водовод. Ова е првата фаза и тоа приклучување на околу  200 жители на градскиот водовод – вели Бочварски.

За првата фаза од проектот инвестирани се околу 300.000 евра, а должината на новата водоводна линија е околу два километра. Проектот почна да се реализира пред една година.

– Можам да кажам дека продолжуваме со приклучување и на домаќинствата, кои се во горниот дел на населбата, така што за неколку месеци ќе можеме и официјално да го затвориме проектот и целата населба да биде приклучена –  истакна Бочварски.

Цената на водата за пиење ќе биде иста како и за останатите граѓани приклучени на градската водоводна мрежа.

– Цената на чинење на водата за кубен метар ќе изнесува 31,96 денари. Досега тие плаќаа 40 денари. Значи двапати ја намаливме водата, минатата година за пет, а годинава за пет отсто. Граѓаните во оваа населба ќе пијат чиста вода, но и ќе ја плаќаат поевтино – изјави директорот на „Исар“, Живко Тасев.

Според Тасев, следната година ќе продолжи изградбата на водоводната мрежа до населбата Македонка и селото Чардаклија.