Шекеринска на втората сесија на Северноатлантскиот совет: Северна Македонија како дел од силите на КФОР вложува во мирот и безбедноста на регионот

95

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на вториот работен состанок на министри за одбрана на земјите членки на НАТО чиј фокус беше на мировните мисии и операции и имплементацијата на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации – Жени, мир и безбедност.

Во дискусијата за мировните мисии и операции во Авганистан, Ирак и на Косово, министерката Шекеринска рече дека Северна Македонија го продолжува учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, и најави дека сме во процес на подготовка за упатување на хируршки тим во соработка со Кралството Норвешка. Таа додаде дека нашето присуство во Авганистан ќе биде прилагодено согласно плановите за повлекување на НАТО по принципот „заедно внатре – заедно надвор“, соопштија од Министерството за одбрана.

Од Министерството информираа дека министерката го истакнала и новиот придонес од 44 припадници на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на силите КФОР на Косово, кој ќе биде зголемен во текот на идната година при што вкупната бројка ќе изнесува 180 војници, подофицери, и офицери, што е потврда за подготвеноста на нашата Армија да вложува во мирот и безбедноста на регионот.

Министрите за одбрана на НАТО на барање на Владата на Ирак, усвоија и директива за проширена мисија на НАТО во Ирак која ќе биде неборбена и има за цел обука и советување на ирачките безбедносни сили. Министерката Шекеринска по ова прашање истакна дека се планира Северна Македонија да учествува со пет припадници во оваа мисија, во склоп на мобилeн тренинг тим за обука и советување, во рамки на А5 иницијативата.

Вториот дел од денешниот министерски состанок бил посветен на одбележувањето на 20-годишнината од донесувањето на Резолуцијата 1325 на Обединетите Нации – Жени, мир и безбедност, при што бил истакнат големиот напредок во инклузивноста на родовата перспектива во сите сегменти на дејствување на Алијансата и земјите членки, но и дека е потребно уште да се работи на подобрување.

За време на оваа сесија, министерката Шекеринска информираше дека Владата на Република Северна Македонија го донесе вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325, и рече дека посветено се работи на унапредување на положбата на жените во одбраната, преку процес кој е инклузивен и не подразбира само бројка, туку и активно учество на жените во одбраната. Имплементацијата на вториот национален акциски план подразбира подобрување на условите за работа и зголемување на бројот на жените како во одбраната така и во сите сегменти на општеството, на секое ниво, посочија од Министерството за одбрана.

Следниот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана ќе се одржи на почетокот на 2021 година.

Извор:МИА