Шеесет лица во општина Бутел од вчера се без работа

278

Од вчера шеесет вработени лица во Општина Бутел остануваат без работа. Причина за ова е откриената малверзација, според која триесетина од нив со години воопшто се немале појавено на своето работно место, дел се појавувале повремено, додека пак дел биле редовни, но немале буквално никакви работни задачи. Само на мал дел од вработените со договор на определено време ќе им бидат продолжени договорите.

Ваквата ситуација, како што велат од Општина Бутел, била констатирана врз основа на анализираните листинзи од системот за електронска евиденција за редовност на вработените, што претставува законска обврска.

– Веднаш по преземањето на функцијата градоначалникот Дарко Костовски одржа редовен состанок со сите вработени на кој најави поединечни, секторски и одделенски средби со вработените на кои ќе бидат направени интервјуа, односно секој вработен ќе треба да образложи какви работни задачи извршувал. Тоа беше сторено, а запишаните изјави подоцна анализирани. Во исто време беа анализирани листинзите од системот за електронска евиденција за редовност на вработените, што е законска обврска. Исто така, од одделението за човечки ресурси беше доставен и анализиран списокот на вработени со договор на дело преку агенција, со важност до 20. 11. 2021 година – потенцираат од Општина Бутел.

Костовски нагласува дека без никаква етничка, верска или политичка разлика, а по анализата која ја направил лично тој, еден мал дел од лицата имале конкретни работни задачи при што констатирал дека имаат желба за работа и токму затоа договорите за работен однос ќе им бидат продолжени.

Тој нагласи дека за да се спречат ваквите појави на превработеност, во иднина нема да има непотребни вработувања со договор на дело без никаква контрола. Ваквиот чекор, смета Костовски, позитивно ќе влијае на понатамошното работење на Општината.

– Со средствата што се одлевале по овој основ (да бидеш на платен список и да не доаѓаш на работа или да доаѓаш, а ништо да не работиш и секој месец да земаш незаработена плата), во изминативе 4 години, граѓаните во општина Бутел можеле да добијат две нови детски градинки, училиште или некој голем капитален проект со кој ќе се подобрел нивниот живот – смета Костовски и додава дека ваквата состојба нема да влијае врз реализацијата на ветените проекти, бидејќи со неколку од нив се стратувало уште од првата недела од неговиот мандат.

Што се однесува до тоа дали ќе се пополнат некои од испразнетите работни места, од Општината велат дека во моментов остануваат без неколкумина искусни кадри кои заминуваат во пензија, а тие раководни работни места ќе бидат потполнети, но внимателно и со навистина квалитетни професионалци.

(А.П.)