Шведска ќе ги заостри правилата за трајно вселување во земјата

96

Социјадемократската Влада на Шведска заедно со Зелените планира да го заостри правилата за постојана имиграција.

Во Шведска од 2016 година во сила е привремен закон за трајно вселување во земјата, а истиот беше продолжен во 2019 година поради непостигнување на консензус за постојан закон. Привремени мерки беа воведени поради миграциската криза од 2015 година, кога Шведска прими повеќе од 160.000 бегалци, во најголем број Сиријци.

– Со овој план, Шведска повеќе не е мамка за барателите на азил како што беше во 2014 и во 2015 година, изјави социјалдемократскиот министер за миграциски работи Морган Јохансон.

Тој истакна дека планот ќе „гарантира одржлива регулаторна рамка на долг рок и гарантира дека принципот на ограничени дозволи за престој не предизвикува несразмерни ефекти“.

– Овие основни правила се во согласност со оние во повеќето земји-членки на Европска Унија, посочи Јохансон.

Измените предвидуваат бегалците да добијат тригодишна дозвола за престој, а постојан престој да добијат ако исполнуваат одредени услови како што се познавање на шведскиот јазик и доволен приход.

Според центрите за имиграција, за десет години Шведска со 10,3 милиони жители обезбеди азил и овозможи обединување на семејството за 400.000 луѓе, според центрите за имиграција.

Новиот закон треба да стапи во сила во јули по гласањето во Парламентот.