Шведска ќе бара објаснување од Унгарија зошто избра прво на Финска да и го одобри влезот во НАТО

113

Шведскиот премиер Улф Кристерсон денеска изјави дека ќе бара објаснување од Унгарија зошто унгарскиот Парламент избра да го одобри влезот на Финска во НАТО пред Шведска.

-Ќе прашам зошто ја одвојуваат Шведска од Финска. Тоа се сигнали што досега не сме ги виделе, изјави Кристерсон за шведското радио СР, наведувајќи дека „апсолутно“ има намера денеска да разговара за ова во Брисел со неговиот унгарски колега Виктор Орбан.

Двајцата премиери се наоѓаат на самитот на ЕУ во Брисел, а Шведска е актуелен претседавач со Унијата до крајот на јуни.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина.

Унгарија и Турција се единствените членки на НАТО кои се уште не го ратификувале во своите парламенти приемот на овие две земји, а останатите 28 членки веќе го сторија тоа.

Унгарскиот парламент минатата недела изненади со одлуката да одреди датум за ратификација на влезот на Финска во НАТО, со напомена дека одлуката за Шведска ќе биде донесена „подоцна“.