Шведска: Заталкан куршум уби 12-годишно девојче

99

Заради смртта на 12-годишно девојче, кое загинало откако ја погодил заталкан куршум, во Шведска повторно се кренале расправии за спречување на насилството на локалните банди.

Според информациите на медиумите, неименуваното девојче било убиено во неделата за време на престрелка која се случувала близу бензинска станица. Истрагата е во тек.

Нема повеќе официјални информации за тоа што се случувало, но локалните медиуми известуваат дека наоружаните лица пукале по двајца членови на криминални банди и дека немале намера да го погодат детето, пишува Би-Би-Си.

Граѓаните вчера на местото на настанот поставиле цвеќиња и свеќи, а некои од нив повикале на позасилени акции против насилството на бандите.

„Тоа не смее да се повтори. Настрада девојче од 12 години“, рекла една жена за агенцијата АФП.

Шведска минатата година најави дека воспоставила посебна работна група за борба против насилството меѓу бандите. Полицијата доби дополнителни надзорни овластувања, а зголемени се казните за злоупотреба на дрога и оружје.