Швајцарија сака македонски органски производи

104

Десет години и беа потребни да ја реализира идејата, а последните две неповолните временски услови целосно и го уништија родот на гравчето. Но, и покрај тоа, Сузана Димитриевска од Мустафино не се откажува од органското производство. Оптимистички и без какво било двоумење продолжува да одгледува градинарски култури, овошје, зеленчук, грозје.

На површините со кои располага, вкупно 51 хектар, има домат, пипер, кромид, грашок, спанаќ, морков, бамји,… Произведува и преработки: маџун, сушени домати во масло, лути пиперчиња во тегла, мармалади, слатка, вино, а од лани почна и со проиводство на органско семе за пченка и грав.

Димитриевска важи за еден од пионерите на органското производство во Македонија. Со средно образование медицинска сестра, а со високо социјален работник, никогаш не ни помислувала дека земјоделството ќе и биде животна определба.

Приказната почнала сосема случајно

-Порано, да бидеш земјоделец беше понижувачки. Сите на тоа гледаа со потценување. За некој како мене, со школо, земјоделството не беше фокус за евентуален натамошен просперитет. Но, многу брзо по завршувањето на средното училиште се омажив. Не бев вработена, а по природа сум пргава поради што сакав веднаш со нешто да се занимавам. Семејството на мојот сопруг имаше 1,5 хекар земја, а ние, со парите од свадбата си купивме нива од 6,5 декари. Посадивме дињи и лубеници, а на површините од свекор ми јачмен, домати, сончоглед,… Следната година, од приходот што го остваривме, докупивме уште една нива од 13 декари. Повторно заработивме и трет пат купивме нива. Вкупно имаве околу два хектара, а јас уште не се гледав во земјоделството, раскажува Сузе.

Со профитот од двата хектара, таа и сопругот отвориле колонијална продавница.

-Во периодот до 2005 година земјоделството повеќе се есапеше како „машка работа“. За вклучување во каков било проект, прво се разговараше со мажите. Така беше и кај нас дома. Маж ми беше член на еколошко друштво. Јас немав поим што прави. Еден ден дојде дома. Вели, имале средба со швајцарски претставници. „Не прашуваа дали го прскаме производството. Тие тоа што не се прска го викале органско“. Ми даде брошури, ми се виде интересно. Многу брзо потоа ми најави: „Утре ќе дојдат претставници од проектот кај нас“, а ние немавме подготвено ништо. Станав сабајлето, ставив житни култури, наредив се што имавме од производството, сварив млеко од коза, направив торта од домашни јајца, се традиционално. Дојдоа „гостите“. Се им презентирав, им кажав што и како правиме. Се воодушевија. Веднаш препознаа што е квалитет. Го прашале претседателот на еколошкото друштво: „Зошто оваа жена не е вклучена? Да беше кај нас во Швајцарија ќе ја ставевме на телевизија да продава“, истакнува Димитриевска.

Оттогаш „влегла во игра“. Набрзо станала претседател на локалното здружение на органски производители. Тоа и помогнало да помине разни обуки, дел и во странство. Стапила во контакт со многу луѓе.

Во меѓувреме, со сопругот аплицирале за земјиште на поранешна задруга. Добиле 50 хектари од најлош квалитет. Парцелата се викала „Аѓупка“. Никој не ја сакал. Насеале жито зашто за друго пари немале. Но, се појавила граорица – вид плевел чии црни зрнца остануваат во класот на пченицата. Сожителите почнале да се подбиваат. Родот, сепак, го продале и тоа во Хрватска по релативно добра цена. Две-три години им требало да научат како да направат соодветен плодоред за да не се појавува граорица. Читале, учеле, барале. На крај успеале со сончоглед и делумно со сточен грашок да се справат со плевелот.

За да не се откажат од житарките, многу им помогнале и субвенциите од државата. Преку проектот „Еко чифлик“ сакале да набават млин за да прават брашно. Но, тогаш сфатиле колку всушност во Македонија нема пазар за органско производство. Тоа било во периодот околу 2008 година.

Преку Програмата за рурален развој инвестирале и во лозје. На дел од „Аѓупка“ посадиле грозје со идеа да имаат и винарија, плус трпезни сорти за продажба. Потоа се обиделе со зеленчук, но продажбата одела тешко. Повторно истата констатација. Нема побарувачка. Од вкупно пет хектари домат, пипер, кромид, грашок, спанаќ, морков, бамји колку што насадиле првата гоидна, следната намалиле на еден хектар стара пченка, ајварски пипер, домати, праз, грашок.

-Постепено почна да се зголемува свеста кај домашните потрошувачи за органско, а за тоа многу придонесе кампањата „Јадете органско“. Но, тогаш се покажа дека сектороот не е подготвен да ги задоволи барањата и потребите. И тоа уште е така. Немаме доволно колество зашто купувачите почнаа наеднаш да барат премногу. Ние воопшто немавме стратегија како да делуваме во ваков случај, вели Сузе.

Таа денес повторно работи со експерти од Швајцарија. Од таму купува семе (зашто во Македонија се уште не се произведува органско семе за ниту една култура), но добива и консултантски совети. Посебно изненадува фактот што квалитетот на производите на Сузе ги препозна и швајцарски ланец маркети кој веќе две години стои зад неа. И го гарантира откупот на две сорти грав.

– Две години по ред лошите временски услови ми го сотреа гравчето. Откако првпат го извезов во Швајцарија призводството од пилот проектот поставен на три хектари, се охрабрив. Повторно посадив нови 20 хектари, но сите ми пропаднаа зашто фати голема суша. Не отстапив. Не само што повторно посадив, туку и се задолжив за механизација преку ИПАРД со 100.000 евра. Земав кредит. Не се откажувам. Швајцарскиот маркет ми понуди експертиза, консултант специјализиран за производство на органски грав, а стои зад мене и за откупот догодина. Се надевам ќе успеам од „трета мајка“, истакнува Димитриевска.

Швајцарскиот експерт ќе дојде во февруари за да ја подготви почвата. Потоа повторно ќе дојде кога гравчето ќе биде во фаза на цветање и за време на жетвата. Постојано ќе се прават анализи, ќе се следат сите параметри и еднаш неделно ќе му се праќаат извештаи со слики за, ако треба, веднаш да се интервенира.

Ја прашавме Сузе како денес гледа на органското производство во Македонија. Има ли надеж, ќе успееме ли да го искористиме потенцијалот?

– Наша најголема предност е органското земјоделство. Ние сме мала држава, имаме мали површини и производи со одличен вкус. Мора да се насочиме кон висококвалитетен органски производ. Државата го препознава тоа иако големите силни конвенционални фирми се уште имаат влијание врз некои политички одлуки. Полека и тие го согледуваат фактот дека Европа веќе бара највисок квалитет за најниска можна цена. Ние тоа многу лесно можеме да го понудиме. Можеме да направиме бум, мислам дека на крај ќе се сведе на тоа дека имаме огромна побарувачка, а не можеме да постигнеме, напоменува Сузе.

Според неа, годинава ќе се бараат и други производи. Швајцарците сакаат лековити ароматични растенија, сушено јапонско јаболко, ореви. Ќе работат многу поинтензовно во Македонија.

Во врска со трендот на органското во светот, Сузе вели дека веќе се работи на т.н. биодинамика. Тоа е, објаснува, многу повиско ниво на производство, дури и вид филозофија на здрава храна.

– За тоа уште не сме подготвени. Прво треба да научиме како органски да произведеме за да стигенме до биодинамика, заклучува Сузе.

Оваа вредна и весела жена, освен сопственото производство, сака да го „поттурне“ и руралниот туризам во Мустафино. Моментно е ангажирана околу формирањето задруга на органски производители.

Извор МИА