Швајцарија дава по 500 илјади денари за вработување на 25 обучени работници

Проектот на Швајцарската агенција за развој за обука на младите за занимањата кои им се потребни на фирмите ќе трае најмалку една деценија, а во првите четири години со 12 милиони евра треба да се обучат 2.200 лица, од кои половината треба да се вработат

401

Со по 500 илјади денари од Швајцарската агенција за развој македонските компании и странските инвеститори во нашата земја ќе се поттикнуваат да реализираат што повеќе вработувања, пред сè на млади лица. Парите кои ги добива една компанија преку проектот „Образование за вработувањесе наменети за тримесечна обука на 50 лица, од кои во рок од три месеци по завршување на обуката треба да задржи барем половина.

Проектот ќе се спроведува една деценија. Претставникот од швајцарската Амбасада во Скопје, Стефан Томагиан, вели дека ова прашање треба да се третира долготрајно и оти токму затоа проктот ќе трае најмалку 10 години.

-Во првите четири години треба да се се обучат околу 2.200 работници, пред сè млади лица. Вкупната вредност за обуките е 12 милиони евра. Една компанија може да биде корисник на најмногу 10 илјади швајцарски франци, за обука на 50 лица, рече Томагиан.

Партнер на проектот е Стопанската комора на Македонија, каде вчера беа промовирани првите три фирми кои склучиле договор за користење средства. Тоа се швајцарскиот производител на медицински помагала Ронтис, кој има фабрика во Велес, скопската фирма „КАК“, која има два хотела во Битола, три во Маврово и стопанисува со скијачкиот центар „Маврово“ и германскиот производител на автомобилски делови „Костал“, кој работи во Охрид. Обуката за потребните работници на „Ронтис“ќе се одвива во хемиското училиште, каде што учесниците ќе се стекнуваат со специфичните теоретски знаења од професорите кои се веќе обучени, а вештините во пракса ќе ги стекнуваат во фабриката.

На КАК му се потребни келнери, готвачи, собарки, но обучени за вршење на тие работи. Оттаму укажуваат на парадоксот овој кадар од нашата земја да оди на работа во Хрватска, Словенија, Малта… а ученици за тие занимања од Швајцарија да доаѓаат во нашата држава на пракса. ОД КАК велат дека обуката е потребна затоа што образовниот систем не соодветствува на новите барања на приватниот сектор од областа на угостителството.

На германскиот инвеститор „Костал“, кој од 2015 година работи во Охрид му е потребен специфичен кадар – мехатроничари и електроничари. Идните вработени ги обучува преку дуално образование на средношколците. Оваа компанија сега има над 300 вработени, а планира бројот да го зголеми до 500.

Организаторите и учесниците во проектот велат дека ќе ги обучуваат младите за вештините кои се барани кај нас, дури и ако тие по стекнување на вештините заминат на работа во странство. Појаснуваат дека целта е дел од обучените лица веднаш да се вработат, а останатите да се подготват за пазарот на труд. Од компаниите истакнуваат дека ќе им понудат што е можно подобри услови за работа и плати за да ги задржат во земјава.

(С.В.)