Шаќири: Интензивно вложуваме во образовна инфраструктура

50

Учениците од Долно Блаце веќе не мора да посетуваат настава во соседно Косово, туку ќе учат во ново училиште, изградено само за нив, порача министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска, пред почетокот на учебната година, го посети новото основно училиште во село Долно Блаце, општина Чучер-Сандево, како и објектот на новото училиште што се гради во населбата Визбегово, општина Бутел.

-Нема поголема радост, првиот училишен ден да започне во ново училиште, во местото каде живеат. Нема поголема радост од детскиот џагор и смеа, кога се оди во училиште. Пред една година ветивме нова училишна зграда и тоа го реализиравме, изјави Шаќири.

Подрачното основно училиште „Михал Грамено“ во село Долно Блаце, општина Чучер-Сандево е инвестиција на Министерството за образование и наука (МОН) и за него се одвоени околу 4,7 милиони денари од буџетот. Објектот, како што велат од МОН, ги исполнува сите услови за непречено и современо образование, какво што заслужуваат сите деца.

Кон средината на следната календарска година, како што велат, и општина Бутел ќе добие нов училишен објект, во населбата Визбегово.

-Како Влада и Министерство ние ја ветивме оваа инвестиција. Таа чини речиси 107 милиони денари и интензивно се реализира. Градежните активности се одвиваат според планот, така што, очекувам доколку сé биде во ред како и досега, од наредната учебна година, од септември во 2023 година, овој училишен објект да ги прими првите ученички генерации кои тука ќе се едуцираат, рече Шаќири.

Тој посочи дека МОН посветува подеднакво внимание на сите општини каде има потреба од инвестиција и додаде дека сега останува на младите вредно и посветено да учат, да стекнуваат знаења и вештини кои ќе им бидат потребни во животот. Потенцира дека вложувањето во образовната инфраструктура, како еден од основните услови за квалитетна настава и едукација на младите е еден од приоритетите на МОН.